Според него, се потврдило она што СДСМ го говорел, дека државата го има најдобриот договор што можела да го добие
ВМРО-ДПМНЕ не може една амбасада да убеди, а не да ја смени Преговарачката рамка со ЕУ, изјави денеска на прес-конференција пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.
„Секој ден од техничката влада го покажува лажното лице на ДПМНЕ. Се потврдува, едно зборуваат пред да станат – друго прават откако се дел од власта. Јавно, министерот за внатрешни работи од ДПМНЕ изјави дека не успеале да ја убедат амбасада на соседна Грција. ДПМНЕ не може една амбасада да убеди. Истите оние што велеа дека можат меѓународен договор да променат, дека може да го променат и францускиот предлог и Преговарачката рамка. Една амбасада ДПМНЕ не може да убеди, а не 27 земји членки на ЕУ да се смени преговарачка рамка“,
изјави Каевски.
Според него, се потврдило она што СДСМ го говорел, дека државата го има најдобриот договор што можела да го добие.
„Уште еден лажно креиран мит, една невистина е целосно разоткриена. Се потврди она што го говоревме. Го имаме најдобриот договор што можеше да го добиеме. Туку затоа што Преговарачката рамка е одобрена и прифатена од 27 земји членки на ЕУ“,
дециден беше Каевски.
Новоименуваниот министер за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски пред три дена во просториите на Министерството се сретнал со амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, информираа од МВР.
На средбата со грчката амбасадорка, Тошковски, како што соопштија од МВР, го презентирал проблемот со недостигот на обрасци за пасошите и предложил мерки за негово решавање.
Во соопштението не беше наведено какви мерки предложил новоименуваниот министер во врска со ова прашање.
Подоцна во текот на денот тој информира дека метежот со издавањето на личните документи може да се ублажи со соодветно менаџирање и прераспоредување на човечките ресурси коишто ги има Министерството за внатрешни работи. Евентуално пролонгирање на рокот во кој граѓаните треба да ги заменат личните документи со новото уставно име не може да се очекува, бидејќи грчката страна опстојува на почитување на роковите за примена на одредбите кои произлегуваат од Преспанскиот договор, посочи Тошковски.