Мециновиќ рече дека интерпелацијата не се однесува само на работата на министерката, туку на целокупната енергетска политика на владата на ВМРО-ДПМНЕ, како и на нејзиниот однос, како што рече, кон државната сопственост, енергетскиот суверенитет и јавниот интерес
Владејачкото мнозинство застана во одбрана на министерката, оценувајќи дека интерпелацијата е политички неиздржана и ги меша надлежностите на Министерството со оние на ЕСМ, ЕВН и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ)

Со 19 гласа „за“, 63 „против“ и ниту еден воздржан, Собранието ја отфрли интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, поднесена од пратеничката група на Левица.
За време на собраниската расправа, опозицијата и власта со спротивставени аргументи ги бранеа своите ставови за состојбите во македонскиот енергетски сектор.
Партијата Левица, преку пратеникот Амар Мециновиќ, ја обвини министерката за двегодишен мандат без резултати, несовесно работење и директна закана за енергетската безбедност и јавниот интерес.
Интерпелацијата, рече Мециновиќ, се поднесува поради констатирани неправилности во извршувањето на функцијата, деградација на јавниот интерес и грубо непочитување на законите.
Мециновиќ истакна дека две години не е направено ништо за консолидирање на ЕСМ, која во вториот квартал од годинава бележи долг од 173,9 милиони евра или 17 милиони евра поголем од првиот квартал, „ЕСМ дистрибуција“ должи 35,6 милиони евра, а компаниите од групацијата ЕВН имаат 109 милиони евра добивка.

Тој рече дека продолжува практиката јавните институции да се снабдуваат со струја од приватни компании на слободниот пазар наместо од државните капацитети.
Додаде и дека нема видливо поместување во врска со реализацијата на капитални проекти како хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“.
На крајот кажа дека интерпелацијата не се однесува само на работата на министерката, туку на целокупната енергетска политика на владата на ВМРО-ДПМНЕ, како и на нејзиниот однос, како што рече, кон државната сопственост, енергетскиот суверенитет и јавниот интерес.
Владејачкото мнозинство застана во одбрана на министерката, оценувајќи дека интерпелацијата е политички неиздржана и ги меша надлежностите на Министерството со оние на ЕСМ, ЕВН и Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Беше посочено дека се реализираат реформи, се намалува производствената цена на ЕСМ, се обезбедуваат субвенции за енергетски ранливите категории и се инвестира во нови капацитети – ветерни паркови, фотоволтаици.
За време на расправата, пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ укажа на енергетски парадокс во кој инвеститорите произведуваат соларна енергија, а државата поради институционална пасивност доцни со примената на европскиот механизам СИБАМ за извоз на чиста енергија.
„Инвеститорите вложуваат сопствен капитал, европскиот пазар бара чиста енергија, а нашата држава сè уште не успева да ги поврзе овие три можности во функционална економска политика, а сепак создадовме услови во кои произведената електрична енергија во одредени часови од денот практично да ја губи својата вредност. Додека институциите доцнат со правилата што треба да овозможат нејзина конкурентна продажба“,
рече Битиќи.

Битиќи ja обвини власта дека не сака да го искористи енергетскиот потенцијал на државата, додека домашните производители се соочуваат со откуп на струја по нула евра, а стратешките проекти „Чебрен“ и „Галиште“ остануваат без затворена финансиска конструкција. На собраниската седница Битиќи отвори прашања за пазарните бариери, сомнежите за привилегирање на компании со политички врски и доцнењето на реформите што треба да ја поврзат македонската енергетика со европскиот пазар.
Поради овие причини, Битиќи рече дека ќе ја поддржи интерпелацијата.
Сања Божиновска од собраниската говорница порача дека политичкото несогласување не смее да се прогласува за незаконитост и побара од опозицијата одговорност за изнесените тврдења.
„Живеев, се образував и работев во Западна Европа. Затоа, ќе ми верувате кога ќе ви кажам дека сакам Македонија да биде држава во која министрите редовно даваат отчет пред Собранието, а опозицијата ја контролира власта. Вистината не се утврдува со бројот на пишани критики и со цитати од Вибер, туку со силата на доказите“,
истакна Божиновска.
Министерката ги претстави резултатите од досегашното двегодишно работење и одговори на обвинувањата за управувањето со енергетскиот сектор, цената на електричната енергија и користењето на минералните суровини. Ги повика пратениците да ја оценуваат одговорноста врз основа на законските надлежности, документите и конкретните одлуки, и да не ја прифатат интерпелацијата.
