„Континуирано имам истакнато дека Договорот од Преспа претставува меѓународен договор. Беше изгласан од грчкиот парламент и, како што налага Уставот, овој договор има сила над секоја друга законска одредба, што значи дека не може еднострано да се смени од која било од страните“, вели грчкиот министер за надворешни работи
Ние сме уставно обврзани да го спроведуваме Договорот од Преспа и не е можно негово еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго почитување. Ова го изјавил министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, во синоќешното интервју за грчката телевизија Антена, но истото го повторил и утрово во парламентот одговарајќи на пратеничко прашање, јавува дописничката на МИА од Атина.

Во однос на обврската за промена на пасошите и регистарските таблички на возилата до 12 февруари, шефот на грчката дипломатија посочил дека постојат јасни одредби и временски рокови кои мора да се почитуваат.
Додаде дека Министерството за надворешни работи ќе биде строго во однос на предвиденото од Договорот од Преспа и Грција ќе инсистира на доследно почитување на обврските кои произлегуваат.
Според него, Нова демократија навремено излегла со ставови за Договорот од Преспа за точките кои тие ги сметале за проблематични, но, како што рече, сега тој не може да се модификува, а Грција го следи доследното и строго почитување.
„Континуирано имам истакнато дека Договорот од Преспа претставува меѓународен договор. Беше изгласан од грчкиот парламент и, како што налага Уставот, овој договор има сила над секоја друга законска одредба, што значи дека не може еднострано да се смени од која било од страните. Нова демократија навремено ги изнесе позициите во однос на оние точки кои беа проблематични во Договорот од Преспа. Навремено посочи дека ќе постојат прашања и во имплементирањето. Денес сме уставно обврзани да го спроведуваме овој договор и не е можно еднострано менување. Но, она што мора да го правиме и го прави Грција е да го следи доследното и строго почитување“,
рече Герапетритис.
За трите меморандуми со Северна Македонија кои сè уште не се донесени за ратификација во грчкиот парламентот, Герапетритис рече дека апсолутно зависат од доследното и строго почитување на одредбите на Договорот од Преспа.
Според министерот за внатрешни работи во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски, евентуално пролонгирање на рокот во кој граѓаните треба да ги заменат личните документи со новото уставно име не може да се очекува бидејќи грчката страна опстојува на почитување на роковите за примена на одредбите кои произлегуваат од Преспанскиот договор.
Тошковски вчера имаше средба со амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, на која, како што информираа од МВР, тој го презентирал проблемот со недостигот на обрасци за пасошите и предложил мерки за негово решавање.
„Амбасадорката јасно си кажа. Ми кажа ’извинете министер, но договорот стапил во сила на 12.2.2019, пет години истекуваат на 12.2.2024 година, тоа е тоа’“,
рече министерот за внатрешни работи.
Тошковски рече дека е невозможно до 12 февруари да се заврши со замената на пасошите.
„Јас не можам да направам чуда. Луѓето што се со мене таму не можат да направат чуда, но можат да дадат сè од себе и да одат на работа по 14, 18 часа во денот да работат ако треба за да подобрат нешто, за граѓаните да почувствуваат дека навистина има надеж, дека ќе одиме кон подобро, а не кон пропаст“,
рече министерот.