Денеска, на тригодишнината од настаните во Собранието познати како „крвавиот четврток“, група новинари, помогнати од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) преку адвокатската канцеларија „Медарски“, поднесоа тужби.
„Тужбите против државата се поднесени за утврдување на повреда на правото на слобода на изразување и за надомест на нематеријална штета. Овие тужби следат по претходен повик кој го имаше ЗНМ со цел обезбедување на правна помош за новинарите и медиумските работници кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан“,
соопштија од ЗНМ.
Од ЗНМ велат дека обвинителството застанало во заштита на политичарите и против дел од нивните напаѓачи отворило предмети, но во врска со новинарите каде што тие се јавуваат како оштетена страна, и покрај тоа што некои даваа искази, сè уште нема никаква правна разврска
„Затоа, во услови кога има двојни стандарди за новинарите и кога државата не ги заштити нашите колеги, тие се приморани преку приватни тужби да ја бараат правдата“,
велат од ЗНМ.