Клисарова и Матоши нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека имале налог за тоа кој треба да биде приведен

На Клиниката за радиотерапија и онкологија денеска се приведени три лица, меѓу кои и поранешниот директор Нино Васев, а од другите двајца едното е медицинско лице од Онкологија, а другото е вработено во болницата, вели организацискиот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Халид Матоши.
На прашањето дали и секретарката е денеска приведена од Клиниката, Матоши во изјава за медиумите рече дека таа не се појавила на работното место.
„Секретарката денеска не се појави на работа, можеби е земена од друго место, а и телефонот ѝ е исклучен“,
рече Матоши.
И директорката на Клиниката за радиотерапија и онкологија Виолета Клисарова потврди дека на Клиниката денеска се приведени три лица.
За тоа дали имало и други претреси, Клисарова рече дека таа не е информирана, но не ја исклучува можноста, а исто така не знае и дали се одземени доказни материјали и досиеја.
Клисарова и Матоши нагласија дека надлежните не разговарале со нив, туку само им посочиле дека имале налог за тоа кој треба да биде приведен.
Она што таа го потврди е дека Клиниката за радиотерапија и онкологија работи и функционира нормално.
„Сите закажани пациенти, тековни прегледи, предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално, работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет во Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника, никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планирана терапија“,
рече Клисарова во изјава за медиумите од пред Клиниката.
Таа нагласи дека терапија има за сите пациенти, а во однос на КАТО-системот рече дека тоа е процедура која трае и е далеку од почнување и ставање во функција.
„Меѓутоа, во координација со Министерството за здравство се работи на тој проект, а терапија има во моментов и Клиниката навистина функционира нормално и токму тоа со оваа денешна изјава сакам да го потврдам и изјавувам дека сите пациенти ќе бидат опслужени со целата потребна терапија“,
додаде директорката.
По објавата во дел од медиумите дека денеска е приведен ексдиректорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија Нино Васев, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за „360 степени“ уште еднаш потврдуваат дека се преземаат дејствија по наредба на јавен обвинител и оти сите други информации се неофицијални. Повеќе детали за денешните активности од Обвинителството не откриваат.
Од утринава, како што дознава „360 степени“, се извршени претреси на Клиниката за онкологија кај лица за кои постои сомнеж дека се поврзани со случајот „Онкологија“.
Случајот „Онкологија“ се откри откако неделникот „Фокус“ минатата година објави серија текстови за постоење на разработена криминална бизнис-мрежа за препродавање на скапи лекови – цитостатици. Во мрежата, наводно, биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката.