Откако американската „црна листа“ минатата година се прошири со неколку имиња на бизнисмени, поранешни и актуелни функционери од земјава, неодамна беа предложени законски измени со кои се предлага токму листата на санкции на САД, но и онаа на Обединетото Кралство, да бидат основа за воведување санкции на лица во земјава
Владата го усогласила текстот на предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки, со кој треба да се овозможи субјектите од „црната листа“ на САД да подлежат на санкции согласно домашното законодавство и тој е веќе доставен до Собранието.

Од Владата денеска соопштија дека на седница на 16 јануари бил разгледан предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки и оти со консензус и едногласно изразила политичка волја до Собранието на Република Северна Македонија да поднесе Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, кој ќе биде усогласен со македонското законодавство.
Оттаму соопштија и дека била донесена одлука Министерството за надворешни работи како предлагач да го усогласи текстот на предлогот на закон со кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација, Секретаријатот за законодавство и другите надлежни институции.
„Информираме дека Владата на Република Северна Македонија ги определи за претставници на Владата во Собранието д-р Бујар Османи, министер за надворешни работи и м-р Фатмире Исаки, заменик на министерот за надворешни работи, а за повереници Филип Тосевски, државен секретар во Министерството за надворешни работи и Наташа Дескоска, помошник-директор во Министерството за надворешни работи“,
соопштија од Владата.
Оттаму велат дека по усогласувањето со сите наведени институции, пречистениот текст на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки е доставен до Собранието согласно член 137 од Деловникот на Собранието.
Откако американската „црна листа“ минатата година се прошири со неколку имиња на бизнисмени, поранешни и актуелни функционери од земјава, неодамна беа предложени законски измени со кои се предлага токму листата на санкции на САД, но и онаа на Обединетото Кралство, да бидат основа за воведување санкции на лица во земјава.
Со законските измени, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска овие законски измени ги најави на 23 ноември во телевизиско интервју, една недела откако на „црната листа“ на САД се најдоа Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев.
На листата на санкции се најдоа и пет фирми поврзани со Јордан Камчев, чие име претходно во јули годинава беше ставено на „црната листа“ на САД.
На т.н. „црна листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се најдоа и имињата на ексвицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓучев и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, пред неколку дена изјави дека не коментира предлог-законски решенија, но дека ги поздравува и силно ги поддржува напорите за истраги на наводни коруптивни и криминални активности на лица од земјава.