Ковачевски откри дека досега не разговарал со албанската опозиција за кандидат за претседател на државата, како и дека освен Пендаровски, Шекеринска и Спасовски, се „вратат“ и други имиња, но за тоа ќе се разговара и ќе се одлучува во партијата и со коалициските партнери
Тој ги офрли како шпекулации информациите во јавноста дека поранешниот премиер Зоран Заев барал од него оставка. Рече и дека со Заев се блиски пријатели, колеги од факултет, дека често разговараат и се среќаваат

Премиерот во оставка и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски е убеден дека на 8 мај, на денот на парламентарните избори, ќе победи коалицијата којашто повторно ќе ја формира европската Влада.
Ковачевски е сигурен дека на 9 мај, на Денот на Европа ќе се прогласи победа на европската коалиција.
Според она што Ковачевски го истакна во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија, коалицијата којашто е сега ќе има 61 пратеник во Собранието.
„Ние ќе имаме над 61 пратеник и тие ќе ја формираат новата проевропска влада. Тоа ќе биде од оваа коалиција која ја гледате, СДСМ со своите коалициони партнери. Таа коалиција ќе има 61 пратеник, а можеби и над 70“,
рече Ковачевски.
Коалициите зависат од анализите кои се прават
Прашан што е подобро за СДСМ, дали на изборите да биде во коалиција со ДУИ или да настапи сама, Ковачевски рече дека тоа зависи од анализите кои се прават.
„Коалиции се прават на основа на вредности, на визија и на програми. Дали коалицијата ќе биде од традиционалните партнери со кои СДСМ оди на избори или ќе се работи за една поширока коалиција тоа зависи од анализите кои се базираат на емпириски податоци, како и за усогласување на програмите и кадровската понуда. Визијата за европска Македонија ја делиме сите кои сме дел од оваа владина коалиција“,
рече тој.
Апсолутно останувам на ставот, рече Ковачевски, што на првото интервју во јануари пред две години кажав дека ќе бидам премиер 12 години, значи остануваат уште 10 години, додаде тој.
„Се сеќавате дека опозицијата, но и голем број аналитичари велеа дека се работи за човек кој што е неискусен, оваа влада нема да трае повеќе од три месеци. Опозицијата рецитираше секој март, септември и декември дека ќе има предвремени избори. Јас и тогаш кажав дека оваа влада ќе го заврши мандатот во целост и дека ќе одиме на редовни избори. Тоа и се случи и еве го остваривме нашиот мандат така како што е предвидено со закон и после 2006 година прв пат имаме редовни избори. Така да после 9. мај тоа е денот на Европа, на истиот ден ќе прогласиме победа на европската коалиција и повторно ќе се формира европска влада со која што Северна Македонија ќе стане земја членка ЕУ“,
рече Ковачевски.
Освен Пендаровски, Шекеринска и Спасовски, се „вратат“ и други имиња за претседател на државата
Во гостување на „Само интервју“, Ковачевски откри дека досега не разговарал со албанската опозиција за кандидат за претседател на државата, како и дека освен Пендаровски, Шекеринска и Спасовски, се „вратат“ и други имиња, но за тоа ќе се разговара и ќе се одлучува во партијата и со коалициските партнери.
„Не сум имал разговори со албанската опозиција, но сметам дека сите што се за европска Македонија и за продолжување на евроинтеграцискиот процес треба да поддржат кандидат со таков предзнак. Кандидатот на СДСМ ќе биде таков, со јасна европска визија, кој ќе ги почитува меѓународните договори со соседите и со другите држави, кој ќе го унапредува нашето членство во НАТО, кој ќе се залага за наше полноправно членство во ЕУ и кој ќе биде на браникот на демократијата и слободата на медиумите. Постапката во СДСМ тече, има повеќе предлози за претседателски кандидат. Партиските тела одлучуваат согласно Статутот, но и со коалициските партнери“,
додаде Ковачевски.
Ковачевски појасни дека по лидерска средба која што беше последна лидерска средба одржана во Собранието, сите политички партии се согласиле дека е прекраток рокот за укинување на техничката влада пред овие избори.
„Јас имам дадено изјава дека техничка влада на држава која што е земја членка на НАТО, земја која што преговара со ЕУ, земја која што претседава со ОБСЕ и земја која што од заробена држава е демократска држава, со слобода на медиуми и со демократски процеси унапредени воопшто нема таква потреба. Меѓутоа тоа не беше поставено и на крајот сите лидери на политички партии кажаа дека за овие избори таква измена не може да се направи во толку краток рок за следните избори сигурно дека ќе биде направена. Тоа се фактите кои што можам јас да ги споделам овде и кои што може да ви ги потврди било кој“,
вели Ковачевски.
Тој ги офрли како шпекулации информациите во јавноста дека поранешниот премиер Зоран Заев барал од него оставка. Рече и дека со Заев се блиски пријатели, колеги од факултет, дека често разговараат и се среќаваат.
„Не е точно и е невистина дека Заев побара моја оставка. Комуникацијата меѓу нас е многу честа, но не и драматина, ние 32 години се знаеме, сме студирале заедно, разговараме на многу теми. Може ќе одиме на ручек идната недела. Во понеделникот вечерта, на пример, се слушнавме, разговаравме за приватни, семејни работи. На работниот ручек со Ахмети разговаравме како треба да изгледа процесот на евроинтеграциите, сите го споделуваа своето искуство. Не можете да го занемарите искуството на Заев, тој беше премиер, долги години и градоначалник, човек кој го рушеше режимот и кој го водеше процесот за влегување во НАТО“,
рече Ковачевски.
На прашањето зошто брза да се промени Уставот, Ковачевски даде објаснување дека колку повеќе се чека, толку понеповолно е.
Тој направи паралела меѓу, како што рече, погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ со антиквизација со кои ја оддалечија земјата од европската агенда, наведувајќи го примерот со Хрватска.
Додека Хрватска влегуваше во ЕУ, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, додаде Ковачевски, спроведуваше антиквизација наместо европеизација.
Додека Хрватска одеше со Јункер да потпишува протоколи за прием, нашиот државен врв чекаше некакви Хунзи на аеродромот, ги облекуваа луѓево од јавна администрација во некакви антички одела со мечеви и штитови. Се враќаат 2300 години назад. Тоа беше 11 години Македонија. Сега сме членка на НАТО и со преговори со ЕУ. Успеавме на 30-ти јуни да добиеме предлог од ЕУ со преговарачка рамка која што на нас ни го гарантира процесот на пристапување во ЕУ и билатералните прашања се надвор од преговарачката рамка, билатералните прашања се решаваат на билатерално ниво, признаен македонски јазик. Најдобра потврда за тоа е последниот самит на ЕУ кој што се одржа во Брисел, вие бевте присутни таму, вашата телевизија“,
рече Ковачевски.
На прашањето дали ќе прифати дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Ковачевски одговори дека тоа е веќе апсолвирано прашање. Сите кандидати, рече, треба да ги искажат своите ставови.