Во однос на предизборните и изборните коалицирања со ДУИ, Ковачевски нагласи дека прават анализи во СДСМ со коалициските партнери
Како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори и како државата треба да напредува кон полноправно членство во Европската Унија биле темите на кои вчера разговарале премиерот Димитар Ковачевски, поранешниот претседател на СДСМ Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети, откри денеска Ковачевски во изјава за медиумите.
„Вчера имав средба со Али Ахмети и поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев. Мора да знаете дека со Заев се знаеме 32 години, учевме факултет заедно, неретко се случува да комуницираме и да имаме ручек по четири до четири ипол часа и да разговараме на многу теми. Разговаравме за тоа како државата треба да напредува кон полноправно членство во Европската Унија. Секој од нас можеше да ги сподели своите искуства од мандатите што ги имал. Разговаравме и за тоа како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори, се разбира, низ призма на искуството кое секој го поседува. Ова ниту е прва, ниту последна средба, посебно за некои кои се знаат три децении“,
рече Ковачевски.
Во однос на предизборните и изборните коалицирања со ДУИ, Ковачевски нагласи дека прават анализи во СДСМ со коалициските партнери.
„Сметам дека на државата и треба една европска коалиција која ќе осигура сигурна европска иднина без никакви неизвесности, изолации и политички еквилибристики како што ги имало во текот на 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ, за жал, повторно нема концепт кој гледа напред. Гледате дека сите нивни изјави се во некакви претпоставки, по некакви сценарија кои немаат никаква реална основа во политичките процеси ниту во државата, ниту во регионот, ниту во Европа. Сметам дека граѓаните тоа знаат да го ценат и на 24 април на претседателските избори и на 8 мај на парламентарните избори, повторно Владата ќе биде формирана од страна на СДСМ и коалициските партнери“,
рече Ковачевски.