Со именувањето на новите директори веќе нема да има пречки за состанок на Комитетот за безбедност на М-НАВ, каде тие се членови, за да се изготви официјалниот извештај од интерната истрага за инцидентот со насилниот упад во М-НАВ
Надзорниот одбор на Македонската навигација (М-НАВ) вчера го прифатил предлогот на Владата за именувaње на Хекуран Асани и Милан Кораќ за директори на државната компанија на местата на Фахрудин Хамиди и Љубе Стаменковски кои беа разрешени, објави ТВ Телма, а информацијата за МИА ја потврдиле и од М-НАВ.
Најавено е дека Надзорниот одбор в понеделник треба да одржи уште еден состанок на кој ќе се потпишат записниците од седницата, по што, според законската процедура, одлуката заедно со документацијата ќе бидат испратени во Централниот регистар кој треба да ги впише Асани и Кораќ како нови директори во М-НАВ. Со тоа и формално треба да заврши процедурата за смена на раководството во Македонската навигација.
Со именувањето на новите директори, како што наведува Телма, веќе нема да има пречки за состанок на Комитетот за безбедност на М-НАВ, каде тие се членови, за да се изготви официјалниот извештај од интерната истрага за инцидентот со насилниот упад во М-НАВ во кој како еден од учесниците е осомничен и лидерот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир и вработен во Навигацијата, Беким Незири.
Инцидентот кој се случи на 4 јануари и предизвика бура во јавноста, беше и причината поради која бeа сменети двајца од тројцата членови на Управниот одбор на М-НАВ, Хамиди и Стаменковски.
Од скопското Основно јавно обвинителство вчера соопштија дека се приведени и останатите тројца осомничени повразни со упадот по кои се трагаше, со што на истражните органи сега им се достапни сите осуммина осомничени за случајот.
„Во врска со предметот за случувањата во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека до овој момент лишени од слобода се сите осум лица опфатени со Наредбата за спроведување истражна постапка за кривично дело загрозување на воздушниот сообраќај“,
соопштија од Обвинителството.
Оттаму информираа дека за двајца од последно приведените осомничени, судија на претходна постапка одредил мерка куќен притвор, на што Обвинителството веќе вложило жалба, додека за третото лице се очекува одлуката на Судот.
За петтиот од осумтемина осомничени за упадот во М-НАВ, кој беше приведен на 12 јануари на граничниот премин „Блаце“, Кривичниот суд Скопје вчера ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и наместо мерка куќен притвор му определи затворски притвор од 30 дена.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение реагираа зошто и по две недели нема разрешница за упадот во М-НАВ, обвинувајќи дека власта ги спасува „бандитите на ДУИ“.
„Од директори од ДУИ, до напаѓачи од ДУИ до обезбедување блиско до ДУИ, сите патишта од упадот во М-НАВ водат кон ДУИ. Бандитите од европската ДУИ го загрозиле авиосообраќајот, само затоа што вработените не го прифаќале диктатот на власта за партиските вработувања на ДУИ. Агенцијата за обезбедување блиска до ДУИ не го заштитила објектот и дозволила влез на бандитите кои тепале вработени. М-НАВ наместо да го раскине договорот со Агенцијата за обезбедување, тие и понатаму продолжуваат да ги користат нивните услуги, иако истата не била на висина на задачата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„360 степени“ во своето магазинско издание емитувано вчера (18 јануари 2024 г.) објави детали поврзани со договорот за обезбедување на зградата на М-НАВ меѓу акционерското друштво и кичевската агенција за обезбедување „2 СС“, околу кој се појавуваат повеќе дилеми.
Имено, на 5 јануари 2024 г, ден по упадот во контролата на летање, ТВ Телма пренесе став на газдата на „2 СС“, Самир Билбиловски, дека во тој момент немале формално потпишан договор со М-НАВ, а неделава на порталот на Бирото за јавни набавки е објавен новиот договор за обезбедување на зградата на М-НАВ склучен меѓу акционерското друштво во државна сопственост и кичевската фирма, на кој пишува дека е склучен на 29 декември 2023 година, односно една недела пред критичниот настан.
И од М-НАВ тврдат дека потпишале договор на 29 декември и покрај изјавата на Билбилоски од 5 јануари. Но, индиректно посочија дека директорот на фирмата – Џемаљ Билбилоски е тој што е најупатен, а не газдата – Самир Билбилоски.
И да се прифати тезата дека газдата на 5 јануари не знаел што потпишал неговиот директор една недела претходно, датумот на договорот и понатаму е спорен. Според системот за јавни набавки, на 29 декември 2023 година, М-НАВ носи одлука за избор на најповолен понудувач за тендерот за обезбедување и истиот ден е потпишан договорот.
Прашавме, како е можно токму за обезбедувањето во ист ден и да избрале најповолна понуда и да потпишале договор, од М-НАВ одговорија дека:
„Одлуката за избор и договорот е потпишан согласно одредбите од Законот за јавни набавки“.
Од М-НАВ негираат дека го антидатирале договорот. Тврдат, сè е според законските акти за архивско работење. Но, ова не и единственото прашање кое се наметнува околу обезбедувањето на М-НАВ.