Во насока на враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, министерот најавил и интензивирање на соработката меѓу Министерството за правда и Судскиот совет
Одлуката на Управниот суд со која Весна Дамева се врати на претседателското место во Судскиот совет влева надеж за враќање на довербата во институциите како и неопходност од законито и одговорно работење.
Ова, меѓу другото, го посочил министерот за правда Кренар Лога на средбата со старо-новата претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, која по разрешувањето во мај минатата година, од почетокот на годинава повторно е на челната позиција на ова тело. Во насока на враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, Лога најавил и интензивирање на соработката меѓу Министерството за правда и Судскиот совет.

Лога, кој е и член по функција во Судскиот совет, ја поздравил и вчерашната одлука на Советот со која се запре постапката за утврдување дисциплинска одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
Како позитивен и за поздравување, министерот го оценил и потегот на судиите Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски кои поднесоа оставки од членови на Судскиот совет по разрешувањето на Дамева од чело на Советот, кое со пресудата на Управниот суд беше оценето за незаконито и без образложение.
„Дамева изрази благодарност до министерот Лога за сите активности кои тој ги презеде во изминатиот период и неговите укажувања за работењето и постапувањето на Судскиот совет, со што се докажа дека на оваа институција ѝ се неопходни реформи“,
се наведува во соопштението на Министерството за правда во кое се информира за средбата.
На средбата, Лога и Дамева разговарале и за мерките кои се предвидени во Стратегијата за развој на правосудниот систем (2024-2028), а се однесуваат на реформи во изборот, одговорноста и разрешувањето на претседател и членови на Судскиот совет. Стратегијата, како што се посочува во соопштението од Правда, е во целост усогласена со препораките на Оценската мисија на ЕУ, за што Дамева изрази подготвеност тие да се имплементираат.
„Министерот информираше дека во текот на наредната недела од страна на работната група ќе биде подготвена драфт-верзијата за законските измени за Судски совет. Од Судскиот совет беше побарано сите предмети и дописи на Министерството за правда кои беа испратени до нив да се разгледаат во најкус можен рок“,
информираат од Правда.