Од владејачката партија посочуваат дека економските параметри во земјава се подобруваат и дека Македонија бележи позитивни трендови по, како што наведуваат, седумгодишниот економски пустош

Шират паника, хистерија и измислени „црни сценарија“ кај граѓаните за да го прикријат сопствениот политички дебакл. Вака владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешните обвинувања од опозициската СДСМ од каде река дека ќе има нов бран поскапувања и нов удар врз семејните буџети со повисоки сметки за струја и парно од Нова година.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека опозицијата сето ова го прави за да го прикрие сопствениот политички дебакл и изборниот неуспех во Брвеница.
Истакнуваат дека ниту едно од досегашните предвидувања на СДСМ, од банкрот на државата, преку енормна инфлација, па сè до доаѓање на мигранти, не се остварило.
Од владејачката партија посочуваат дека економските параметри во земјава се подобруваат и дека Македонија бележи позитивни трендови по, како што наведуваат, седумгодишниот економски пустош.
Во соопштението се наведува дека инфлацијата во септември е 2,7 отсто. Велат дека според Евростат, Македонија со 2,5 отсто има најниска просечната годишна стапка на инфлација за третиот квартал, односно јули-септември 2026 година од сите земји во регионот.
Јавниот долг, велат од ВМРО-ДПМНЕ, е на историски најниско ниво, а цените на нафтените деривати се меѓу најевтините во регионот.
„СДС повторно заплашува дека ќе има поскапувања, дека тешко ќе се живее, дека платите не стигнуваат и тоа преку Јованка Тренчевска. Инаку, Тренчевска е ексминистерката за труд и социјална политика на која во опис на работа и беше животниот стандард на сите категории македонски граѓани, почнувајќи од пензионери, во социјален ризик, работниците, а за нив ништо не направи. Пензионерите ги остави со најниски пензии, работниците со плати кои сега не им се допаѓаат. Како поранешна министерка во владата на СДС донесе методологии за платите и пензии кои сега ги критикува дека не биле добри и дека согласно нив, покачувањата не биле доволни“,
стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со обвинувањата за увоз на странска работна сила, од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека ангажирањето странски работници е пракса започната уште во времето на СДСМ и се спроведува строго согласно потребите на пазарот на трудот.
Слични предизвици со дефицит на работна сила велат дека имаат и многу поразвиени европски земји кои го решаваат недостигот со издавање работни дозволи за странски државјани.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека ценовен удар ниту имало, ниту ќе има, а државата успешно се извлекува од економското дно.
Денеска потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска рече дека трошоците за живот од почетокот на годинава досега се зголемени за 4 000 денари, а потрошувачката кошничка во октомври надминала 70 000 денари односно над 90 000 денари со вклучена кирија.
Таа додаде дека од вкупно 540 000 вработени во земјава, околу 180 000 земаат плата помала од 31 200 денари, додека минималната плата останува на 26 000 денари.
Потпретседателката изрази незадоволство и од најавите на Владата за ангажирање странски работници, наместо подобрување на стандардот на домашната работна сила.
