Елиса Гранато е научничка, која беше меѓу првите волонтери што ја примија пробната вакцина против ковид-19 во Велика Британија. Вакцината се развиваше три месеци од научници и лекари од Институтот Џеннер и тим на Универзитетот во Оксфорд.
Гранато на 23 април за Би-би-си изјави дека се пријавила да биде дел од тестирањето на вакцината, бидејќи сака да го поддржи развојот на науката, оти и самата е дел од неа.
Два дена подоцна на веб-страницата N5TI.com осамна напис со наслов „Почина првиот волонтер што прими вакцина против коронавирус во Обединетото Кралство“. Оваа вест се однесуваше на Гранато и направи збрка во интернет-просторот. Инфомрацијата масовно се споделуваше по социјалните мрежи, а беше пренесена и од други веб-страници.

Веста беше пренесена и на сајтови на македонски јазик, како на пример, на извесен napauza.co.

„Починатата“ се јави на „Твитер“
Оваа вест ја демантираше дури и самата Елиса Гранато на својот профил на Твитер:
„Ништо не може да се спореди со лажна вест дека си мртов… Јас сум добра, луѓе. Ве молам, не споделувајте ја веста, да не им придаваме значење и кликови. Наместо тоа, еве ви едно слатко маче“,
напиша Гранато и сподели фотографија од мачка.

Италијански портал за проверка на факти дошол до трага од Македонија
Италијанскиот вебсајт за проверка на факти Open.online денеска објави сторија во која изразува сомнеж дека лажната вест за умирањето на Елиса Гранато, објавена на N5TI.com, доаѓа од Македонија.
Сомнежот го темели на тоа дека налогот на „Гугл аналитикс“ од N5TI.com, во минатото го користел и македонскиот вебсајт teamoderna.com.mk.

Објаснувањето е дека идентификацискиот број на налогот „Гугл аналитикс“ – UA-27425902 го користеле овие два сајта. Разликата е во дополнителниот број на крајот што одредува на кој сајт се однесува. На N5TI.com целосниот број е UA-27425902-2, додека на teamoderna.com.mk е UA-27425902-1.


Ова може да биде индиција дека еден човек стои зад овие две веб-страници, но и не мора да значи, затоа што една компанија со ист идентификациски број може да генерира податоци за повеќе сајтови.
Мајкл Дејвис и Гоце Ристов регистранти на teamoderna.com.mk
Во меѓународната база за регистрирање на домеини, односно адреси на вебстраници – „Whois“, нема никаква информација за тоа кој го регистрирал сајтот N5TI.com, но се вели дека регистрантот е со адреса во Аризона, САД. Според податоците на „Whois“, оваа веб-страница е пререгистрирана на 4 март 2020 година.
Страницата на teamoderna.com.mk беше интернет-поддршка на инстоимениот магазин „Теа модерна“, чиј последен сопственик беше „Медиа принт Македонија“, фирма што пред неколку години отиде во стечај.
Доколку сега ја отворите оваа страница на неа се појавуваат стари вести, од кои најновите се со датум од 2017 година. На Македонската академска истражувачка мрежа „МарНет“, на која може да се проверат сите регистранти или сопственици на веб-страници со „.мк“ или „com.mk“, за teamoderna.com.mk стои дека регистрант е извесен Мајкл Дејвис со адреса во Гринсборо, Северна Каролина во САД. Како втор регистрант партнер на Мајкл Дејвис се појавува името на извесен Гоце Ристов, чии податоци за контакт не се функционални.
При разгледувањето на N5TI.com може да се забележи дека страницата била отворена пред две години, но многу малку вести се споделувале. Има само 7 страници на кои може да се видат објави, но повеќето од нив се за тестирање на системот што го користат. Така, тргнувајќи од седмата последна страница на сајтот и се до четвртата страница објавувани се текстови со различни наслови, но со идентичен текст напишан на латински јазик.



„Lorem ipsum dolor sit amet, consectetur adipiscing elit. Aliquam dictum nisl quis libero adipiscing, et tempor lorem ornare. Cras turpis purus, lobortis in tincidunt in, feugiat vel metus. Maecenas sodales felis vitae ipsum tincidunt, eu pharetra eros pharetra…“
Ваков текст користат изработувачи на веб-страници со цел да ги проверат фонтот и функционалноста на системот на самата веб-страница.
Сајт што генерира приход со многу кликови
Текстовите што се објавувани на останатите страници претежно се однесуваат на Италија и се вести поврзани со коронавирус. На сите објави пишува дека автор е извесен Џејмс Алами.
Италијанскиот сајт за проверка на факти Open.online упатува на тоа дека при отворањето на N5TI.com се отвораат и бројни автоматски генерирани реклами, кои упатуваат на тоа дека се работи за сајт што прави профит од бројот на кликови.
Дека овој сајт и претходно објавувал неточни и измислени вести, повеќепати се реагирало на „Твитер“.
