Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир во интервју за МИА, кое во целост ќе биде објавено утре, вели дека е многу загрижувачки што ноемврискиот извештај на Европската комисија кажува дека нема напредок во борбата против корупцијата и дека очекувањата на ЕУ се ова да биде една од главните области каде властите треба да бидат активни
Измените на Кривичниот законик (КЗ) што Собранието ги донесе на почетокот на септември минатата година евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за МИА ги посочува како момент кој го привлекол внимание и загриженоста на Европската Унија, посочувајќи дека по нивното стапување во сила неказнивоста во земјава е зголемена.

„Она што го привлече вниманието и нашата загриженост беа измените на Кривичниот законик. Во тоа време бевме загрижени дека ова ќе доведе до повеќе неказнивост, тука беше и злоупотребата на европското знаменце, но главната загриженост беше дека ова би можело да доведе до поголеми можности за неказнивост. И она што го гледаме случај по случај со текот на времето е зголемена неказнивост, и сега увидовме дека постои празнина во еден дел од законот што приоритетно треба да се затвори“,
вели Гир, одговарајќи на прашањето за проблемот со корупцијата со кој се соочува земјава, нотиран и во последниот извештај на Европската комисија (ЕК).
Корупцијата, наведува шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, го поткопува економскиот потенцијал на државата, ги поткопува иновациите, претставува еден од оние фактори што ги тера луѓето да ја напуштат земјата и секако претставува извор на нееднаквост и неправда.
Очекувањата на ЕУ, вели тој, се борбата против корупцијата да биде една од главните области каде властите во земјава треба да бидат активни.
„Затоа е многу загрижувачки што ноемврискиот извештај на Европската комисија кажува дека нема напредок во борбата против корупцијата. Нашето очекување е ова да биде една од главните области каде треба властите да бидат активни, борбата против корупцијата“,
вели Гир во интервјуто за МИА, кое во целост ќе биде објавено утре.
Тој напоменува дека во целата слика има и светли примери, наведувајќи ја во овој контекст работата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Сепак, како што додава, во борбата против корупцијата треба да се вклучат сите општествени чинители.
Контроверзните измени на Кривичниот законик, кои ги наведува Гир, Владата тајно, без да ја информира јавноста ги усвои кон крајот на август, а Собранието по скратена постапка со европско знаменце ги изгласа на 6 септември, минатата година.
Измените предизвикаа лавина реакции во јавноста и отворија повеќе прашања околу мотивите за ваквиот потег. За ефектите од нив не се чекаше многу време. За релативно кратко време откако стапија во сила, голем број високоприфилни случаи за кои истрагите ги почна Специјалното јавно обвинителство, а по неговото згаснувањето ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција почнаа застаруваат, исход кој претходно уште кога измените се најдоа во собраниска процедура го најавија невладините и експертите.
Со измените на КЗ, меѓу другото, беа опфатени членовите кои се однесуваа на делата злосторничко здружување (член 394) и за злоупотреба на службената положба и овластување (член 353). Со нив законодавецот ги намали пропишаните казни за двете кривични дела, воведена е горна граница на максималната казна, а се укина и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Тоа повлече и порано застарување на делата.

Од кривичен прогон поради застарување се спасија повеќе поранешни функционери, а меѓу предметите кои не доживеаја конечен судски епилог беше и најважниот предмет за масовното незаконско прислушување – „Таргет- Тврдина“, во кој меѓу обвинетите беше и ексшефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Со решение на Основниот кривичен суд од 17 октомври запре постапката за „Таргет“, а остана да се суди само „Тврдина“, случајот кој се однесува на уништувањето на опрема за прислушување.
Идентична судбина имаа и низа други предмети отворени од поранешното СЈО.
Властите ги правда контроверзните измени со тоа дека се донесени заради хармонизација на домашното со европското законодавство, но јавноста не остана уверена во ваквите тврдења.
Според дел опозициските партии на Албанците, конкретно на Алтернатива, Беса и Демократско движење кои во моментов дејствуваат заеднички по името Европски сојуз за промени, тврдеа дека основната причина поради која власта ги носи измените е за што побрзо да се спаси, и во Скопје „без трн во ногата“ да се врати експремиерот и поранешен лидер Никола Груевски, што не се случи, барем засега.
Инаку, како што информираа кон крајот на минатата година на брифинг во Министерството за правда, готови се измените на Кривичниот законик кои ги подготвуваше работна група формирана од министерството. Како што е најавено, со никв треба да бидат вратени на место оние работи кои беа прифатени со ад хок измените на КЗ, како конкретизирање на кривичните дела чиј опсег одеше прешироко во претходното законско решение, особено во главата за делата против службената должност.