Според првичните информации, работниците се затруле од хемиска материја. Едниот починал на самото место, а дргугиот е пренесен на Клиниката за токсикологија и според првичните медицински наоди, се здобил со оштетување на мозокот
Еден работник починал, а друг се бори за живот откако се затруле во свињарска фарма во светиниколското село Амзабегово. Според првичните информации, работниците се затруле од хемиска материја. Засега нема детали за каква конретно материја станува збор, но најверојатно се работи за амонијак.

СВР Штип го потврди случајот кој бил пријавен околу 11 часот.
„На самото место починал работникот О. Т. роден 1978 година, а второто лице, односно работник С. Ј. роден 1971 година е пренесен во комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје“,
вели портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова.
Во свињарската фарма во село Амзабегово во моментов вршат увид екипи од трудов и санитарен инспекторат, Одделението за внатрешни работи (ОВР) Свети Николе и јавен обвинител.
Телото на починатиот работник, по наредба на јавен обвинител, ќе биде предадено на обдукција.
Вториот работник, пак, според првичните медицински наоди кои за Телма ги споделиле од Клиниката за токсикологија, се здобил со оштетувања на мозокот, не препознавал никого, го загубил говорот и манифестирал неартикулирани движења. Потенцијалните мозочни оштетувања, како што велат оттаму, ќе се знаат по утрешната компјутерска томографија.