Инженерите сметаат дека проектот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ по пат на јавно-приватно партнерство е штетен и со него се нарушува електроенергетската независност на земјава и се дава на управување воден ресурс кој, како што посочуваат, е веројатно најзначаен во овој век
Здружението на инженери на Македонија поднесе претставка до надлежните институции за одлуката за концесија на хидроцентралата „Чебрен“ со која бара да се замрзне процесот за потпишување на договорот за јавно-приватно партнерство сѐ додека не се истражат, потврдат или отфрлат нивните сомневања.

Оттаму изразуваат сомневање дека се направени низа суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци со општите акти на Владата во постапката при подготовката и реализацијата на јавниот повик за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроелектрани на Црна Река.
Со овие недостатоци, како што оценуваат, се загрозуваат суверенитетот, територијалната целина и основите на економските односи определени со Уставот, како и уредувањето на територијата за потребите на одбраната предвидени со Планот за одбрана на Републиката согласно одредбите од Законот за одбрана.
Инженерите сметаат дека проектот за изградба на хидроцентралата „Чебрен“ по пат на јавно-приватно партнерство е штетен и со него се нарушува електроенергетската независност на земјава и се дава на управување воден ресурс кој, како што посочуваат, е веројатно најзначаен во овој век.
Претставката е поднесена до Уставниот суд, Државното правобранителство, Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Јавното обвинителство и Бирото за јавни набавки.
Инаку, со одлука на Владата на 14 септември се овозможи реализација на реверзибилната хидроцентрала „Чебрен“ на Црна Река, со што треба да се стави крај на еден од најголемите енергетски проекти во земјава на кој се чека три децении. Предвидено е „Чебрен“ да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.