На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи министри и заменици за техничката влада, Ковачевски повтори дека тоа е законска обврска, исто како што е законска обврска и претседателот на Владата да поднесе оставка 100 дена пред одржување на изборите

Техничката влада е дефинирана согласно закон и точно се знае кој предлага министри во неа. Точно се знае од парламентарното мнозинство кои се министрите, а кои министерства се предлагаат да бидат предводени од најголемата опозициска партија, вели премиерот Димитар Ковачевски.
„Од партијата ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат министер за внатрешни работи и за труд и социјална политика, а од партиите од власта да предложат заменици во овие министерства. Од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат дополнителен заменик-министер во Министерството за финансии, во земјоделство и во информатичко општество и администрација. Ова се работи коишто се дефинирани согласно со закон“,
додаде Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при денешна посета на презентацијата на нова апаратура за генетско испитување при МАНУ.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи министри и заменици за техничката влада, Ковачевски повтори дека тоа е законска обврска, исто како што е законска обврска и претседателот на Владата да поднесе оставка 100 дена пред одржување на изборите.
„Тоа е законска обврска, како што е законска обврска на 100 дена пред одржување на изборите претседателот на Владата да поднесе оставка. Јас ќе ја исполнам мојата законска обврска исто како што и другите претседатели на влада пред тоа ја исполниле својата законска обврска, и како што другите политички партии пред тоа ја исполниле својата законска обврска. Сметам дека не постои причина во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од Законот за Влада и од Закон за избори“,
рече Ковачевски.
Доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествува во техничката влада, според него, тоа става само една дамка на целиот изборен процес.
„Ние од 2016 година наваму имаме изборни процеси коишто се од сите оценети како исклучително демократски и од ОБСЕ/ОДИХР и од меѓународните партнери, од меѓународните организации, така што сметам дека не постои никаква пречка или причина тоа да не биде направено и Северна Македонија на 24 април и на 8 мај да има демократски избори на коишто граѓаните ќе ја изразат својата демократска волја“,
додаде Ковачевски.
Тој вели дека е регулирано согласно со закон кои позиции се менуваат во Владата и додава дека не може да се прави импровизација кога се дефинирани законските одредби. Секое импровизирање кога се реализираат законски одредби, според Ковачевски, може да фрла дамка врз целиот процес. Сепак, како што вели, се работи за влада која што треба технички да ги подготви изборите во 100 дена.
Ковачевски, исто така, рече дека има координација со коалициските партнери, како и со останатите политички партии во Собранието, за што рече дека е потврда успешната лидерска средба на која со најширок консензус било договорено дека ќе има избори на 24 април и на 8 мај.
„Ден пред одржување на седницата на Претседателството на ДУИ јас имав интервју за МРТВ во кое што кажав дека не сме разговарале, меѓутоа тоа не значи дека после моето интервју не сме разговарале и дента пред да се одржи седницата на претседателството на ДУИ. Што значи дека – да, јас со коалициските партнери имам координација исто како што имавме координација со сите останати политички партии во Собранието и имавме успешна лидерска средба на која што можевте да видите дека со најширок можен консензус беше договорено дека ќе имаме избори на 24 април и на 8 мај, дека Изборниот законик, координаторите на пратеничките групи ќе го поднесат во Собранието во којшто се имплементирани забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и дека воопшто не стана збор за укинување на техничката влада со оглед на тоа дека се работи за многу краток период пред изборите и доколку за такво нешто се разговара ќе треба да се разговара за некои наредни избори“,
додаде Ковачевски.
Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на состанок во партиското седиште во петокот донесе одлука Талат Џафери да биде првиот премиер Албанец во Северна Македонија.
Номинацијата од ДУИ и поддршката од СДСМ за актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да биде технички премиер до изборите, кои треба да се одржат на 24 април и 8 мај, наиде на несогласување од страна на опозициската коалиција „Европски сојуз за промени“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира на одлуката на ДУИ, Талат Џафери да биде премиер на техничката влада 100 дена пред парламентарните избори во 2024 година, нагласувајќи „дезертерот Ковачевски ќе биде заменет со нов дезертер“.
Лидерите на парламентарните партии минатата недела постигнаа договор за датумите за претседателските и парламентарните избори кои треба да се одржат идната година. Првиот круг од трката за шеф на државата ќе се одржи на 24 април, а вториот круг ќе биде заедно со парламентарните избори на 8 мај. И 24 април и 8 мај 2024 г. се ден среда.
Премиерот Ковачевски, по средбата, рече дека согласно законот, техничка влада, односно пржинска влада, ќе има од 28 јануари и законската обврска која тој како премиер ја има ќе се исполни, и секако коалицискиот договор ќе си биде исполнет.