„Министерот за здравство Фатмир Меџити во рамки на работната посета на Обединетото Кралство се сретна со министерот за извоз, оддел за бизнис и трговија, Лорд Малколм Офорд од Гарвел, на којашто беше искажана подготвеност од нивна страна за поддршка при финансирање на проектот за изградба на новиот Универзитетски клинички центар“, се наведува во соопштението од МЗ
Велика Британија искажала подготвеност да го поддржи финансирањето на проектот за изградба на нов Универзитетски клинички центар во земјава, кој долги години се најавува.

Ова утрово го соопштија од Министерството за здравство информирајќи за средбата на ресорниот министер Фатмир Меџити, кој е во работна посета на Обединетото Кралство, со министерот за извоз, оддел бизнис и трговија, Лорд Малком Офород од Гарвел.
„Министерот за здравство Фатмир Меџити во рамки на работната посета на Обединетото Кралство се сретна со министерот за извоз, оддел за бизнис и трговија Лорд Малколм Офорд од Гарвел, на којашто беше искажана подготвеност од нивна страна за поддршка при финансирање на проектот за изградба на новиот Универзитетски клинички центар“,
се наведува во соопштението од МЗ.
На средбата, информираат од Министерството, Меџити ја поздравил континуираната поддршка што Северна Македонија ја добива од Велика Британија, кој, како што се наведува, е втор најголем економски партнер на земјава.
„Тие разговараа за имплементација и промоција на извозната стратегија во здравствениот сектор и испорака на надворешни директни инвестиции како дел од надлежностите на министерот за извоз при Обединетото Кралство“,
велат од Министерството.
Министерот за извоз на Велика Британија, како што се додава, изразил поддршка и подготвеност за воспоставување на соработка во сите области кои се во интерес на граѓаните на двете земји.

Инаку, изградбата на нов Универзитетски клинички центар во Скопје беше истакнуван како приоритет на министрите за здравство во повеќе владини состави изминатите години.
На прес-конференција во 2017 година, тогашниот министер за здравство Никола Тодоров најави изградба нов Клинички центар на местото на постојниот, која како што рече, ќе чини околу 72 милиони евра. Тогашната влада во заминување предводена од ВМРО-ДПМНЕ склучи договор со италијанска компанија за изведба на проектот.
Договорот беше раскинат од следната влада на СДСМ, а поранешниот министер за здравство Венко Филипче соопшти дека не се откажува од проектот за изградба на нов клинички центар, но на друга локација – во скопската населба Бардовци – бидејќи идејата на Тодоров не го решавала сообраќајниот хаос.
Освен населбата Бардовци, Филипче по неколку месеци понуди нова потенцијална локација во близина на скопската обиколница.
Но, цената на чинење на предлогот на Филипче од околу половина милијарда евра беше причина за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сега предводена од Христијан Мицкоски, да не дозволи да се изгласа законот.
Во времето на министерувањето на Беким Сали, додека Алтернатива беше дел од власта, имаше предлог новиот Клинички центар да се гради во скопската Општина Ѓорче Петров.
Од неколкуте идеи во последниве години до денес не се реализира ниту една.
