Тоа е чекор што се очекува од Северна Македонија како придонес во демократскиот прогрес и перспективите на целиот Западен Балкан и во прилог на стабилноста и безбедноста на европскиот континент“, се наведува во соопштението за средбата на македонскиот премиер и американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија
Неопходно е сите политички лидери и субјекти во државата да ја имаат предвид важноста Северна Македонија да продолжи со следниот чекор на патот кон ЕУ, заеднички заклучиле премиерот Димитар Ковачевски и помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Обрајан, на билатерална средба денеска во Скопје.

Ковачевски и О’Брајан, како што соопштија од владината прес-служба, претходно имале тет-а-тет средба, по што се одржал билатералниот состанок, на кој присуствувале и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, нивниот колега вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министерската за одбрана Славјанка Петровска и заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ.
На средбата, О’Брајан, покрај други соработници бил придружуван од американската амбасадорка во С Македонија, Анџела Агелер.
„На состанокот беше поздравена конструктивната улога на Република Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, како и придонесот на нашата држава во мирот во регионален и глобален контекст, посебно што во Северна Македонија се гледа фактор на стабилност и безбедност во регионот“,
се наведува во соопштението за средбата.
Ковачевски и помошникот државен секретар на САД, О’Брајан, го потврдиле големото пријателство меѓу двете земји, базирано на меѓусебна доверба, притоа истакнувајќи ја важноста на стратешкото партнерство на САД во натамошниот напредок на нашата држава.


На состанокот, се наведува, станало збор и за актуелни прашања во земјава, како и за теми од значење за поширокиот регион.
„На средбата е потенцирано дека политичката стабилност има клучно значење во реформските процеси од значење за граѓаните и за развојот“,
се вели во соопштението на Владата.
Било констатирано дека Северна Македонија со зрелите политики и мудри лидерски одлуки стана членка на НАТО и сега е пред „пресвртен момент да обезбеди европски квалитет на живот каков што заслужуваат македонските граѓани, функционална имплементација на владеењето на правото и унапредување на правната институционална рамка во рамките на процесот на преговори со ЕУ“.
„Заедничкиот заклучок од средбата беше дека е неопходно сите политички лидери и субјекти во државата да ја имаат предвид важноста Северна Македонија да продолжи со следниот чекор на патот кон ЕУ, што ќе ги осигура европските перспективи на државата. Тоа е чекор што се очекува од Северна Македонија како придонес во демократскиот прогрес и перспективите на целиот Западен Балкан и во прилог на стабилноста и безбедноста на европскиот континент“,
се наведува во соопштението од билатералната средба.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска по средбата со О’Брајан, во објава на својот фесјбук-профил напиша дека станува збор за уште една потврда за силната американската поддршка за членството на Северна Македонија во Европската Унија.
Интеграцијата, како што посочува Петровска, е клучна за гарантирањето на безбедноста и просперитетот на регионот и на земјата.
„САД е најблискиот глобален партнер на Европската Унија. Со Северна Македонија како членка, ЕУ ќе биде посилна и пообединета. Македонските граѓани ги живеат европските вредности и затоа ние припаѓаме на големото семејство на европски народи. Интеграцијата е и најдобар одговор на сè побројните обиди за штетни влијанија на трети страни во регионот. Да донесеме храбри и државнички одлуки кои ќе го отворат патот кон една попросперитетна иднина за нашите граѓани“,
вели министерката за одбрана во објавата на Фејсбук.
Инаку, Џемјс О’Брајан на функцијата помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија дојде на почетокот на октомври годинава, откако американскиот Сенат со мнозинство гласови ја потврди неговата номинација.
Пред да биде номиниран за оваа позиција од американскиот претседател Џо Бајден, тој беше шеф на Канцеларијата за координација на санкциите, која функционира во рамките на Стејт департментот. Кажано со популарен речник, тоа е позиција од која се координира кој ќе биде ставен, а кој тргнат од т.н. „црна листа“ на САД, вклучително и за поединци и други субјекти од Северна Македонија.
