На новата позиција О’Брајан доаѓа од функцијата шеф на Канцеларијата за координација на санкциите, која функционира во рамките на Стејт департментот и која координира кој ќе биде ставен, а кој тргнат од т.н. „црна листа“ на САД, вклучително и за поединци и други субјекти од Северна Македонија. Додека ја извршуваше оваа функција на „црната листа“ на САД се најдоа струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и бизнисменот Јордан Орце Камчев
Со потврдата на неговата номинација од Сенатот тој ќе му биде шеф на заменик-помошникот државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар
Америнскиот Сенат со мнозинство гласови ја потврди номинацијата на Џејмс О’Брајан за помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија.
Номинацијата на О’Брајан ја поддржаа, односно „за“ гласаа 67 членови на Сенатот, додека 31 се изјаснија „против“.
Со гласањето на Сенатот О’Брајан официјално станува помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, место кое остана испразнето кон крајот на март оваа година, откако Карен Донфрид реши да се повлече од оваа позиција со објаснување дека сака повеќе да му се посвети на семејството.
О’Брајан беше номиниран од страна на американскиот претседател Џо Бајден, а информацијата за тоа беше соопштена од Белата куќа кон средината на мај.
Станува збор за исклучително важна позиција во Стејт департментот, која подразбира координација на американската надворешна политика за 50 држави и повеќе меѓународни организации и ентитети, како НАТО, Европската Унија и др. Ова биро е директно надлежно и за регионот во кој во моментов се одвива војна по руската агресија на Украина, а во негови ингеренции е и политиката на САД кон Северна Македонија и кон Балканот.
Џејмс О’Брајан на новата позиција доаѓа од функцијата шеф на Канцеларијата за координација на санкциите, која функционира во рамките на Стејт департментот.
Кажано со популарен речник, тоа е позиција од која се координира кој ќе биде ставен, а кој тргнат од т.н. „црна листа“ на САД, вклучително и за поединци и други субјекти од Северна Македонија.
Додека О’Брајан ја извршуваше оваа функција на „црната листа“ на САД се најдоа струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и бизнисменот Јордан Орце Камчев. Дека лица од С Македонија може да бидат ставени на „црната листа“ на САД најави амерканската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, а по Мерко и Камчев таа рече дека има и други личности и организации кои се разгледуваат, но не може да каже кој ќе биде следен. Претходно, во април 2022 година, на листата на санкции на САД беа ставени поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и ексшефот на Управата за безбедност и контраразузнвање (УБК), Сашо Мијалков.
Инаку, О’Брајан служел на високи позиции во две претходни американски администрации и важи за одличен познавач на состојбите на Балканот.
Со потврдата на неговата номинација од Сенатот тој ќе му биде шеф на заменик-помошникот државен секретар за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Средба со О’Брајан неодамна имаше шефот на државата Стево Пендаровски, за време на неговиот престој во САД на 78. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
„Претседателот Стево Пендаровски денеска во Њујорк, на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари средба со Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија и Џим O’Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции при американскиот Стејт Департмент. На средбата се разговараше за текот и за актуелните состојби поврзани со европските интеграции на нашата држава, за реформскиот напредок, како и за политичките состојби во земјава и во регионот. Соговорниците се согласија дека е потребно да се одржи фокусот на реформите, како и подготвеноста за водење на преговорите со Европската Унија“,
соопштија од кабинетот на Пендаровски на 22 септември.