Шефот на руската дипломатија пристигна во Скопје по завршувањето на неформалната вечера на министрите за надворешни работи и шефовите на делегации на земјите членки на ОБСЕ, која се одржа во хотелот „Александар палас“. Средба на Лавров со Ентони Блинкен во Скопје веќе ни теоретски не е можна затоа што американскиот државен секретар замина од земјава околу 21 часот
По долгата неизвесност околу неговото доаѓање на Министерскиот совет на ОБСЕ, доцна вечерва, околу 23 часот, на Меѓународниот аеродром „Скопје“ слета авионот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Веста на својот официјален профил на социјалната мрежа Х ја потврди и руското министерство за надворешни работи.
? Russia’s Foreign Minister Sergey #Lavrov arrives in North Macedonia to take part in the #OSCE Ministerial Council
— MFA Russia ?? (@mfa_russia) November 29, 2023
? Skopje pic.twitter.com/9V6VeDcDvR
Од фотографиите може да се забележи дека на Меѓународниот аеродром „Скопје“, Лавров бил пречекан од рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин.
Лавров доаѓа во Скопје по завршувањето на неформалната вечера на министрите за надворешни работи и делегациите на земјите членки на ОБСЕ, која се одржа вечерва во хотелот „Александар палас“. Рускиот министер отсуствува и од заедничката фотографија на учесниците на неформалниот собир во скопскиот хотел.
На вечерата, меѓу другите, присуствуваше и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој пристигна во Скопје доцна попладнето. Веднаш по нејзиното завршување, околу 21 часот, шефот на американската дипломатија се упати кон скопскиот аеродром и замина од земјава, за Израел.
Иако воопшто не беше најавена, со ова, нема ниту теоретска можност за средба меѓу американскиот и рускиот министер за време на дводневниот состанок на ОБСЕ во Скопје.
Покрај Блинкен, вечерва околу 22:30 часот од Скопје замина и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон. Според најавите, ниту шефот на европската дипломатија Жозеп Борел нема да има прилика да се сретне со Лавров на состанокот во Скопје бидејќи негово заминување од земјава се очекува рано изутрина.
Но, од заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски вечерва во Владата, Борел порача дека доаѓањето на Лавров во Скопје е добра прилика за да може да слушне зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа, како што рече, да му каже на господарот на Кремљ дека Европската Унија и ОБСЕ остануваат обединети во осудата на агресивното и незаконско однесување на Русија.
- Борел од Скопје: Доаѓањето на Лавров е добра прилика за да слушне зошто Русија е осудена и изолирана
Инаку, прелетот и слетувањето на авионот на министерот за надворешни работи на Русија претходно беше одобрено од Владата и од надлежните министерства за надворешни работи и за одбрана. Прелет на авионот на Лавров во својот воздушен простор одобри и официјална Софија.
Поради доаѓањето на Лавров во Скопје, министрите за надворешни работи на Украина, Естонија, Летонија и Литванија го откажаа своето учество на Министерскиот совет. Овие земји се претставени на пониско ниво.