На средбата, како што соопшти премиерот, државниот секретар на САД го поздравил успешното претседавање на С Македонија со ОБСЕ, како и конструктивниот пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен доцна попладнево пристигна во Скопје каде што треба да учествува на триесеттиот Министерски совет на ОБСЕ кој се одржува од денеска до 1 декември.
Добредојде му посака премиерот Димитар Ковачевски.
На средбата, како што соопшти Ковачевски, државниот секретар на САД го поздравил успешното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ, како и конструктивниот пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата.
„На средбата попладнево уште еднаш ги истакнавме нашите одлични односи и разговаравме за поддршката која САД ја даваат во континуитет на Северна Македонија на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и спроведувањето на потребните реформи. Северна Македонија е високо ценета како НАТО-сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан“,
информира премиерот Ковачевски на својот фејсбук-профил.
На средбата меѓу Ковачевски и Блинкен е присутна и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер.