Како течеле активностите за пренамена на објектот може да се види од видеото што утрово на социјалната мрежа Фејсбук го сподели шефот на македонската дипломатија Бујар Османи
Од спортски објект во конгресен центар. Вака изгледа трансформацијата на салата „Борис Трајковски“ каде што ќе се состанат шефовите на дипломатиите и делегациите на земјите членки на ОБСЕ на 30. Министерски совет што од денеска до петок ќе се одржува во Скопје.
Како течеле активностите за пренамена на објектот може да се види од видеото што утрово на социјалната мрежа Фејсбук го сподели шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
„Погледнете ја трансформацијата на салата ’Борис Трајковски’. Подготвени сме за одржувањето на 30-от министерски состанок на ОБСЕ! Чест ми е што имаме можност да го организираме еден од најголемите настани што некогаш е направен во земјава. Северна Македонија изминатава година како претседавач на најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ покажа дека има голем капацитет да се носи со сите предизвици, рамо до рамо со најразвиените земји во Европа!“,
вели Османи.
На овој настан се очекува да присуствуваат околу 1 000 делегати со 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.
На министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.
Министерскиот совет ќе започне вечерва со неформална вечера на која ќе учествуваат дел од шефовите на дипломатиите на државите – учеснички на ОБСЕ. Официјално форумот ќе биде отворен утре во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој е пренаменет и подготвен за министерскиот состанок.
Според агендата објавена од Министерството за надворешни работи, утре е предвидена можност за изјави на шефовите на делегации при пристигнувањето во спортскиот центар.
Министерскиот совет треба да започне утре во 10 часот, а медиумите ќе можат да го проследат отворањето на пленарната сесија.
Состанокот ќе го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, иако нема најава за нивна заедничка средба, но токму ова го прави настанот еден од ретките на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.