Лидерите на трите партии во своите обраќања на свечениот настан во Тетово на кој беше потпишана декларацијата упатија критики до ДУИ за актулените состојби во државата и порачаа дека промените доаѓаат. Фокусот на нивното делување, како што посочија, ќе биде ставен на зачленување на земјата во Европската Унија
Партиите од албанскиот опозициски блок Алтернатива, Демократско движење и Движење Беса, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“, на претстојните претседателски и парламентарни избори в година ќе настапат заеднички.
Лидерите на трите партии Африм Гаши, Изет Меџити Билал Касами вечерва на свечен настан во Тетово потпишаа декларација на коалицијата со која се обврзаа на заеднички изборен настап.

Фокусот на нивното делување, како што посочија, ќе биде ставен на зачленување на земјата во Европската Унија, пренесува МИА.
Пред потпишувањето на декларацијата, лидерите на партиите се обратија пред партиските членови и симпатизери присутни на настанот.
Претседателот на Демократското движење Изет Меџити пред присутните ја истакна потребата од мобилизација за промени, порачувајќи дека е доста од молчење, апатија и едноумие.
„Ова е движење за тие што мислат поинаку од криминалот на партијата на власт. Доста беше молчење, тишина, апатија и едноумие. Времето за промени се приближува. Ги повикувам сите да се приклучат, тие што можат да го променат мислењето можат се да променат, промената доаѓа“,
порача Изет Меџити.
По повод потпишувањето на декларацијата Меџити се огласи и на својот фејсбук-профил, каде сподели фотографии од настанот и напиша:
„Ноември на победи на албанскиот народ! Време е за обединување, време е за европско поврзување за промена! Промената доаѓа!“
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши порача дека интеграцијата во Европската Унија е избор за сите и дека потребна соработка за демократија, општествен развој и борба против корупцијата..
„Тој што соработува само со надворешниот фактор на штета на внатрешниот фактор на албанскиот народ, не може да владее без соработка со албанскиот народ. Треба да има соработка за демократија, економија, општествен развој за војување против корупција и дискриминација на патот кон ЕУ“,
пренесува МИА дел од обраќањето на Гаши.

Првиот човек на Движењето Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, кој последен се обрати од говорницата порача дека повисоко убедување од нивниот сојуз е „бесата“ (ветувањето) за европски промени.
„Во овој момент кога во Северна Македонија криминалот и корупцијата излегоа од контрола, правосудниот систем е узурпиран од власта, образованието уништено, здравството е запоставено, додека млади масовно ја напуштаат државата, да се обединиме да ставиме крај на сето ова. Да бидеме гласот на сите граѓани кои со нетрпение чекаат промени. Само обединети можеме да се избориме со сите гореспоменати антиграѓански и антиевропски појави на актуелната власт. Се обединуваме затоа што Албанците во Северна Македонија заслужуваат автентично претставување“,
нагласи Касами, порачувајќи дека тие ќе ги отстранат сите законски и уставни дефиниции кои го кочат остварувањето на правата на Албанците.
