Запрашан во врска со шансите за укинување на техничката влада, премиерот посочи дека тоа решение е донесено со консензус и со меѓународно посредништво во 2016 година и оти само со консензус меѓу партиите може да биде укинато. Според него, во моментов не постои расположение меѓу политичките партии за укинување на техничката влада за претстојните избори поради краткиот рок до нивното одржување
Средбата на која партиите треба да го договорат датумот за претстојните претседателски и парламентарни избори в година ќе се одржи во Собранието и ќе биде во лидерски формат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, но не прецизираше кога таа ќе се одржи.

Тој рече дека двата изборни цикулси ќе бидат во нивниот редовен термин и оти мај се нуди како можност за нивно одржување, но одлуката треба да биде донесена со широк консензус меѓу партиите.
„Кога точно ќе се одржат, тоа зависи прво од роковите и затоа јас кажав дека мај нуди можност за одржување и на претседателски и на парламентарни избори. Тоа го потврдија и низа претседатели на други партии, па и претседателот на Собранието којшто се грижи за роковите и затоа, кога ќе заврши таа средба, согласно со ставовите на сите политички партии, бидејќи таква одлука се носи со широк консензус, и ќе може да биде соопштено и Северна Македонија идната година да има демократски избори. Средбата ќе биде на лидерско ниво и ќе биде во форматот како што беше и минатата лидерска средба на парламентарните партии, нормално во Собранието на Република Северна Македонија, таму каде што и доликува да се сретнуваат лидерите на политичките партии“,
изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција на која го презентираше новиот сет антикризни мерки донесени од Владата.
Запрашан во врска со шансите за укинување на техничката влада, премиерот посочи дека тоа решение е донесено со консензус и со меѓународно посредништво во 2016 година и оти само со консензус меѓу партиите може да биде укинато.
„Значи ние на 100 дена пред изборите ќе имаме техничка влада. Единствен начин таа техничка влада да се укине е со консензус помеѓу партиите. Бидејќи ако немате консензус за нешто што било донесено со консензус и со меѓународно посредство, тогаш сигурно можете повторно да завршите во политичка криза“,
рече Ковачевски.
Според него, во моментов не постои расположение меѓу политичките партии за укинување на техничката влада за претстојните избори поради краткиот рок до нивното одржување, иако, како што рече, првиот кој зборувал дека во земја членка на НАТО и на ЕУ не се потребни такви решенија бил тој.
„Јас секогаш стојам до моите лични политички ставови, меѓутоа политичките ставови се спротивставуваат и се разговараат со други политички ставови коишто се изградени врз основа на поинакви гледања и на таков начин се гради коинсензус. Доколку не се постигне консензус за укинување на техничката влада, тогаш ние ќе имаме техничка влада“,
рече премиерот.
Инаку, укинување на техничката влада на 100 дена пред избори бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски вели оти се подготвени на интервенција во Законот за Влада и во Изборниот законик за да се избрише делот каде што стои техничка влада.
Ковачевски не одговори конкретно кој ќе биде на чело на техничката влада на 100 дена пред избори, а во однос на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, чие име се споменува во политичките кулоари како можен технички премиер, Ковачевски изјави дека има исклучително високо мислење за него.
„Според она што СДСМ и ДУИ го имаат како коалициски договор од 2020 година, премиер треба да биде од редовите на албанската етничка заедница, што исто така е согласно со нашиот устав и согласно со нашите закони. Кои ќе бидат кадровските решенија, тоа сега е прерано да се зборува. Јас за г. Битиќи имам исклучително високо мислење и тоа сум го потврдил преку јавни настапи и преку одредени гестови коишто ги имам направено пред медиумите. Ние се знаеме многу години со Битиќи и да не биле неговите квалитети такви какви што се, тој сигурно не би бил успешен вицепремиер на државата“,
изјави Ковачевски.
На прашањето за заеднички кандидат за претседател на државата и за заеднички листи за пратеници со коалициските партнери, премиетот рече оти се потврдило дека во земјава има два блока партии – едни кои се залагаат за интерграција во Европската Унија и друг блок партии кои се против ЕУ и НАТО.
„Сега веќе и официјално имаме друг блок на политички партии, тоа се ВМРО-ДПМНЕ и Левица коишто се против зачленувањето на земјата во Европската Унија и се против НАТО. Тие тоа јавно го кажаа дека немаат ништо против заедничко коалицирање. Сметам дека граѓаните ќе имаат многу лесен избор – дали ќе бидат за проеврпски блок и европска иднина на државата или ќе бидат за некакво алтернативно решение кое за волја на вистината не е ниту понудено. Ние 11 години гледавме едно алтернативно решение кое не нè однесе никаде и во економска и во политичка смисла и во меѓунаридна смисла, па и во стратешка смисла. Како ќе изгледаат листите, тоа на крај ќе зависи од одлуките на политичките партии, меѓутоа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе има широка коалиција којашто се покажала дека може да ги води успешно процесите и во државата и на меѓународен план, да станеме членка на НАТО, да ги отпочнеме преговите со Европската Унија и до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ“,
рече премиерот Ковачевски.