Претходно и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба соопшти дека нема да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Причината за ваквата одлука, како што се посочува, е тоа што „Русија постојано го уништува ОБСЕ“, очигледно алудирајќи на најавеното присуство на самитот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
Шефот за европската дипломатија Жозеп Борел денеска изјави дека ќе допатува во Скопје на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), но нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Борел на денешната прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во Брисел објасни дека не би сакал на денот на Министерскиот совет на ОБСЕ седиштето на ЕУ да остане празно.
Тој појасни дека ќе присуствува на официјалната вечера, но потоа ќе мора брзо да се врати поради другите средби во Брисел.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност објави дека е завршена главната работа на новите европски санкции против Русија поради војната во Украина и изрази надеж дека соодветната одлука ќе биде усвоена во декември.
„Не гледам знаци на замор во ЕУ од војната во Украина, сите се загрижени и ги препознаваат успесите на Украинците. Не смееме да си дозволиме да бидеме уморни“,
коментира тој.
Борел истакна дека вкупната помош на ЕУ за Украина веќе достигна 27 милијарди евра.
Претходно и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба соопшти дека нема да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Причината за ваквата одлука, како што се посочува, е тоа што „Русија постојано го уништува ОБСЕ“, очигледно алудирајќи на најавеното присуство на самитот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
И Естонија, Летонија и Литванија ќе го бојкотираат Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје доколку на него присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.