„Не ги познавам сите луѓе што се пријавија, но, сепак, ќе кажам дека ми пречи тоа што имаше многу политички експонирани личности кои се пријавуваат да бидат членови на едно сосема независно тело“, вели актуелната претседателка на Антикорупциска
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, забележува дека на интервјуата за избор на нови членови на ДКСК се пријавиле многу политички експонирани личности што, како што вели, не било случај со актуелниот состав на Антикорупциска.

„Не ги познавам сите луѓе што се пријавија, нели тоа е нивна работа сами да се претстават и да си го одржат она што ќе го кажат во нивното претставување, но, сепак, ќе кажам дека ми пречи тоа што имаше многу политички експонирани личности кои се пријавуваат да бидат членови на едно сосема независно тело“,
изјави Ивановска по денешната посета на основното училиште „Гоце Делчев“ во Штип во рамки на кампањата „Бидете херои на чесноста“.
Ивановска рече дека се надева оти Комисијата за селекција на кандидати при собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата нема да трпи политички влијанија и да избира такви ликови.
Прашана дали актуелниот состав на ДКСК имал некакви политички притисоци, Ивановска вели дека притисоците се одвиваат на јавна сцена бидејќи нивните седници се јавни.
„Така што, да не речам и притисоците, ама ете да речам притисоци од сите тројца премиери ги доживеавме, ама на отворена сцена. Значи не сме имале нешто да не кочи, да ни се јавуваат и да ни прават притисок бидејќи јас уште на почеток кажав, доколку се случи такво нешто има член во законот којшто нас ни овозможува да разговараме и да ги известиме Собранието дека имаме притисок и да си побараме заштита од Собранието. Така што сè си е уредено, само треба да се испочитува“,
вели Ивановска.
Мандатот на актуелните членови на ДКСК истекува на 7 февруари 2024 година без право на реизбор. Новиот состав на Комисијата треба да почне да функционира на 8 февруари следната година.
За новиот состав на ДКСК беа пријавени вкупно 57 кандидати, од кои во административната селекција се утврдило дека 15 кандидати не ги исполнуваат условите или имаат доставено некомплетна документација.
Интервјуирањето на кандидатите траеше три дена, а заврши на 25 ноември. Најдоцна до денеска Комисијата за селекција ќе ја изготви ранг-листата која ќе ја достави до Комисијата за прашањата за избори и именувања, која ја утврдува и во рок од два дена му ја доставува на Собранието.