Инаку, на огласот за директор на Агенцијата во која се активираат судските наредби за следење на комуникациите беа пријавени 21 кандидат. Тој беше распишан на 5 септември, на два дена пред истекот на петгодишниот мандат на првиот директор на ОТА, Зоран Ангеловски
По речиси три месеци без прв човек, Оперативно техничката агенција (ОТА) од денеска има нов директор откако Собранието унисоно ја избра Марија Јаническа на оваа функција.

Од вкупно 93 пратеници, колку што беа присутни во пленарната сала на законодавниот дом кога се одлучуваше по оваа точка на дневниот ред на денешното продолжение на 131. седница, сите гласаа за изборот на Јаническа, а таа ја доби поддршката од пратениците според Бадентеровиот принцип.
Претходно на 9 ноември собраниската Комисија за изборите и именувањата едногласно го усвои предлогот таа да биде избрана за директорка на ОТА, а за предлогот минатата недела за дискусија не се јави ниту еден пратеник, како од власта така и од опозицијата.
Според Законот за ОТА, директорот на Оперативно техничката агенција се избира со двотретинско мнозинство, односно со најмалку 80 гласа. Двотретинско мнозинство е потребно и при гласањето според Бадентер.
„Собранието ја донесе одлуката за избор на директор на Оперативно-техничката агенција со потребното двотретинско мнозинство“,
констатира претседателот на Собранието Талат Џафери по гласањето.
Јаническа е родена во 1978 година и е дипломиран правник. Таа за директор во Агенцијата доаѓа од позицијата стручен соработник за општи и заеднички работи во истата институција.
Одлуката за избор на директор на ОТА стапува во сила со денот на нејзиното донесување, а ќе биде објавена во „Службен весник“.
Инаку, на огласот за директор на Агенцијата во која се активираат судските наредби за следење на комуникациите беа пријавени 21 кандидат.
Тој беше распишан на 5 септември, на два дена пред истекот на петгодишниот мандат на првиот директор на ОТА, Зоран Ангеловски.
Оттогаш Агенцијата функционира без директор, а нејзиниот поранешен прв човек тогаш предупреди дека доколку набрзо не се избере директор тоа ќе создаде правен вакуум во раководењето со институцијата.
„Во Законот за Оперативно-техничка агенција (‘Службен весник на Република Македонија’ број 71/18 и ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ број 98/19), иако се уредени повеќе прашања поврзани со надлежностите и раководењето на ОТА, не е уредено прашањето за раководењето на институцијата по истекот на времетраењето на мандатот на директорот од пет години, во случај кога на денот на истекот на мандатот сè уште не е завршена постапката за избор на нов директор, односно важечкиот закон не предвидува можност во тој случај кога истата е без легитимно избран директор со важечки мандат од страна на Собранието на РСМ, со институцијата да раководи друго лице (в.д. директор, заменик-директор, совет и слично), а со тоа ниту да се даваат овластувања за спроведување на законските надлежности на ОТА кои произлегуваат од директорот како единствено надлежно раководно лице“,
на почетокот на септември Ангеловски за „360 степени“.
Инаку, согласно Законот со кој е уредена надлежноста и работата на оваа независна државна институција, за директор на ОТА може да биде избрано лице кое е државјанин на Република Северна Македонија, кое има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование во областите информатика, електротехника, компјутерска техника и информатика, телекомуникациско инженерство, безбедност, компјутерска безбедност, правни или економски науки. Исто така, се бара и минимум десетгодишно работно искуство во овие области по завршеното образование.
Оперативно-техничката агенција (ОТА) како самостоен и независен државен орган беше формирана по реформите во безбедносно-разузнавачкиот сектор, односно поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) по скандалот со масовното прислушување и извештајот на експертската група на Европската комисија (ЕК) на чело со Рајнхард Прибе.
Со серија законски измени што ги уредуваа овие прашања и за кои беше потребно двотретинско мнозинство, УБК доби свој наследник во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која задржа (голем) дел од надлежностите, додека ингеренциите врз опремата и уредите за прислушување преминаа во ОТА.