„Тие (фирмите) треба да го платат овој данок, доколку Уставниот суд одлучи поинаку тогаш ќе дискутираме кои се следните чекори за тие фирми. И битно е дали при поведувањето постапка, Уставниот суд би го укинал тој закон, дали би го поништил. Така што има разлика и не би можела да ви кажам сега што би се случувало додека Судот конечно не се произнесе“, изјави денеска претседателката на Уставниот суд
Иницијативите со кои се оспорува Законот за солидарен данок, кој Собранието го донесе кон средината на септември, тешко дека до крајот на годината ќе се најдат на дневен ред на Уставниот суд, вели претседателката на Судот, Добрила Кацарска.

Таа, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека во врска со овој закон има повеќе иницијативи и оти предметот сè уште се работи.
„За Законот за солидарен данок имаме повеќе иницијативи, тој предмет се работи, сè уште не е готов. Не очекувам да биде до крајот на годината. Можеби тимот што работи на предметот ќе успее да го подготви рефератот, но јас до денес нема видено реферат, а и со оглед дека сè уште пристигнуваат такви инцијативи не сум оптимист дека до крајот на годината ќе можеме да го решиме тој предмет“,
изјави Кацарска, која денеска беше домаќин на завршната конференција на тема „Повеќе правна заштита за граѓаните преку сеопфатна и ефективна уставна жалба“ што се одржа во Скопје со поддршка на германската фондација за меѓународна правна заштита – ИРЗ.
Претседателката на Уставен не сакаше да прогнозира што ќе се случува доколку судиите одлучат во корист на компаниите кои се спротивставија на Законот.
До конечната одлука, Кацарска вели дека секој што е засегнат од Законот за солидарен данок мора да го почитува и да ја плати обврската што произлегува од него.
„Секако дека секој еден којшто треба да постапи по тој Закон мора да го почитува, тоа е и уставна должност на секој граѓанин да го почитува законот. Тие треба да го платат овој данок. Доколку Уставниот суд одлучи поинаку, тогаш ќе дискутираме кои се следните чекори за тие фирми и битно е дали при поведувањето на постапка, дали Уставниот суд би го укинал тој закон, дали би го поништил. Така што има разлика и не би можела да ви кажам сега што би се случувало додека Судот не се произнесе конечно“,
изјави Кацарска.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна изјави дека не верува дека Законот за солидарен данок ќе биде оспорен од Уставниот суд, но доколку тој падне, средствата на компаниите ќе им се враќаат од буџетот наредната година.
Од Управата за јавни приходи (УЈП) ги предупредија компаниите кои сè уште го немаат платено данокот, дека ако тоа не го сторат до 24 ноември, односно до петок оваа недела, ќе им бидат блокирани сметките.
Од 156 компании, меѓу кои и едно јавно претпријатие, кои ја имале обврската да го платат данокот на солидарност, должници кон државата се уште 26 правни лица, рекоа неодамна од УЈП. Овие компании, на име данок на солидарност, кон државата треба да уплатат 726, 6 милиони денари.
Речиси половина од фирмите што не го платиле данокот на солидарност се од Скопје и тоа дури 12, а преостанатите се од Неготино, Струмица, Гевгелија, Делчево, Битола, Прилеп, Чучер Сандево, Гостивар, Слупчане, Желино, Охрид, рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на 9 ноември на брифинг со новинарите.
Најголем износ, од 257,3 милиони денари за солидарен данок, според УЈП, се уплатени од една скопска компанија со дејност леење челик, која за 2022 година имала вкупен приход 11,3 милијарди денари.
Законот за данок на солидарност помина на Владата кон средината на јули, а Собранието го донесе на 19 септември по скратена постапка, со европско знаменце. Неговото донесување наиде на жестоки реакциите од бизнис-секторот, а меѓу подносителите на иницијативи со кои тој се оспорува е и Стопанската комора на Северна Македонија. Оттаму тогаш излегоа со став дека Законот е погубен и деструктивен за целиот бизнис и стопанството во државата. Реагираа и на тоа што при неговото носење не биле земени предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат данокот.
Министерство за финансии, кое беше предлагач на Законот, во своја одбрана посочуваше дека станува збор за еднократно, вонредно и привремено решение кое се носи во услови на криза и кое ќе донесе само позитивни ефекти.
Данокот за солидарност се однесува на сите компании кои минатата година оствариле приход поголем од 10 милиони евра и имаат поголема добивка за 20 отсто од четиригодишниот просек. Разликата во приходите кои го надминуваат просекот ќе им биде оданочена со 30 отсто. Со оваа еднократна давачка се очекува во буџетот да се соберат средства кои би се искористиле за антикризни мерки.