Во иницијативата поднесена од Стопанската комора се бара судот да донесе времена мерка за стопирање на спроведувањето на Законот. Сепак, во врска со ова барање, од Уставен информираат дека согласно Деловникот за работа во оваа фаза од постапката, Уставниот суд не одлучува одделно само за времената мерка, туку кога ќе се расправа и одлучува по главниот предлог во врска со предметот
Уставниот суд денеска преку писмено соопштение информира дека оформил два предмета по поднесени иницијативи во кои се оспорува неодамна донесениот Закон за данок на солидарност.
Подносители на иницијативите, како што информираат од Уставен, се компанијата „Финмак“ ДОО Скопје, преку адвокатското друштво „Дебарлиев, Дамески и Ќелешовска“ и Стопанската комора на Република Северна Македонија, преку адвокатот Игор Спировски.
Од Уставниот суд посочуваат дека со оформувањето на двата предмети допрва почнува постапката по нив, а во која ќе се испитуваат наводите во двете иницијативи.
Инаку, во иницијативата од Стопанската комора се бара судот да донесе времена мерка за стопирање на спроведувањето на Законот.
Во врска со ова барање на Комората, од Уставен велат дека во оваа фаза од постапката судот не одлучува одделно само за времената мерка.
„На прашањето дали Уставниот суд ќе донесе времена мерка за да го стопира спроведувањето на законот, информираме дека согласно Деловникот за работа во оваа фаза од постапката, Уставниот суд не одлучува одделно само за времената мерка, туку кога ќе се расправа и одлучува по главниот предлог во врска со предметот“,
се наведува во соопштението на Уставниот суд.
Законот за данок на солидарност помина на Владата кон средината на јули, а Собранието го донесе на 19 септември по скратена постапка, со европско знаменце.
Законското решение наиде на остри реакции кај бизнис-заедницата. Од Стопанската комора тогаш излегоа со став дека Законот е погубен и деструктивен за целиот бизнис и стопанството во државата. Оттаму реагираа и на тоа што при неговото носење не биле земени предвид забелешките на тие што треба да го плаќаат данокот.
Министерство за финансии, кое беше предлагач на Законот, во негова одбрана посочуваше дека станува збор за еднократно, вонредно и привремено решение кое се носи во услови на криза и кое ќе донесе само позитивни ефекти.
„Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата. Опфаќа компании кои оствариле промет над 615 милиони денари во минатата година, а ќе го опфати делот кој претставува зголемување на добивката за 20 отсто во однос на просекот од претходен тригодишен период. Основната карактеристика на овој закон, кој претставува и препорака на Европската комисија, е солидарноста на дело, а ќе има и позитивно влијание врз одржување на нивото на јавниот долг“,
гласеа аргументите на Министерството за финансии.
Анета Трајковска од Стопанската комора денеска изјави дека иницијативата до Уставниот суд била поднесена на 12 октомври.
„Во самата иницијатива е побарана времена мерка токму поради кратките рокови, со цел да се спречи евентуално настанување кои потешко може да се санираат. Во функција на нашите компании членки е поднесено барањето за времената мерка. Останува судот да си ја донесе својата одлука, но ние секогаш протежираме законита и легитимна постапка во којашто плаќањето на данок е на еден начин манифестирање на лојалност кон државата и токму во тој контекст е побаран времен инструмент“,
изјави Трајковска.
На прашањето дали тоа значи дека нема да го плаќаат данокот додека Судот не донесе одлука, Трајковска рече дека ако Уставниот суд не донесе одлука до утврдениот законски рок, треба да се почитуваат законите кои се во сила.
Инаку, датумот на кој фирмите треба да ги поднесат даночните пријави е 25 октомври, според календарот на Управата за јавни приходи (УЈП), што денеска го потврди и Трајковска.
Осврнувајќи се на самиот закон, таа рече дека тој како никогаш досега го обединил бизнис-секторот.
„Стопанската комора и сите бизнис-асоцијации во однос на овој закон се обединија токму поради правото за гарантирана правна заштита. Во случајот на бизнисот му е потребна загарантирана правна заштита во однос на своето дејствување. Кога зборуваме за тоа, оваа добивка којашто ја оствариле компаниите, ја оствариле во 2022 година. Таа добивка тие ја планирале во претходниот период кога важела одредена законска регулатива и кога се нарушува тој процес на планирање, нормално е дека фирмите ќе се обединат“,
рече Трајковска.
Данокот за солидарност ќе треба да го платат сите компании кои минатата година оствариле приход поголем од 10 милиони евра и имаат поголема добивка за 20 отсто од четиригодишниот просек. Разликата во приходите кои го надминуваат просекот ќе им биде оданочена со 30 отсто. Со оваа еднократна давачка се очекува во буџетот да се соберат околу 90 милиони евра, пари кои би се искористиле за антикризни мерки.