Таа во интервју за РСЕ вели дека сè уште немаат добиено одговор од етичкиот совет при Јавното обвинителство во врска со изјавата на обвинителката Ленче Ристоска, која во април годинава како говорник на конференција рече дека начинот на избор на обвинители креира клиентелистички однос на обвинителите кон оние што лобирале за нивниот избор
Нема никакви влијанија при изборот и унапредувањето јавни обвинители, вели новата претседателка на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Според неа, таков бил случајот и при последниот избор на јавни обвинители од кандидатите кои ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители со кој во обвинителската тога влегоа блиски роднини на актуелни функционери, меѓу кои и синот на собранискиот спикер Талат Џафери и сопругата на актуелниот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази.
„Не постојат никакви влијанија при изборот на сите овие кандидати кои ги споменавте, сите членови на Советот на јавни обвинители имаат право на свое сопствено убедување и свој глас и тоа го искажуваат при гласањето. Сите кандидати ги исполнуваа условите, сите избрани се квалитетни кандидати и сметам дека сите успешно ќе одговорат на задачите што им се зададени со функциите на кои ги избра советот“,
вели Димитриеска на прашањето дали некој влијае врз членовите на Советот.
Таа вели дека сè уште немаат добиено одговор од Етичкиот совет при Јавното обвинителство во врска со изјавата на обвинителката Ленче Ристоска, која во април годинава како говорник на конференција рече дека начинот на избор на обвинители креира клиентелистички однос на обвинителите кон оние што лобирале за нивниот избор.
Ристоска тогаш предложи реформа на Советот и разгледување на опцијата тој да стане ад хок тело кое ќе се состанува по потреба.
„На една од седниците на Советот на јавни обвинители беше заземен став од сите членови на советот ваквата изјава на обвинителката да ја испратиме на мислење во етичкиот совет при Јавното обвинителство за да се увиди дали има усогласеност на ваквите нејзини изјави со принципите на Етичкиот кодекс, но до денеска немаме добиено никакво мислење“,
рече новоизбраната претседателка на Советот на јавни обвинители.
Во врска со нејзината иницијатива, која ја поднесе веднаш по изборот за нов претседател на Советот на ЈО, за промена на Етичкиот кодекс со кој се скратува правото на обвинителите да говорат пред јавноста без претходно добиена дозвола, Димитриеска вели дека во измените не стои дека јавните обвинители не смеат да ги коментираат одлуките на Советот, туку дека треба да внимаваат при јавните настапи.
„Имајќи ги предвид забелешките во стратегијата на Европската Унија во однос на констатациите за состојбите во правосудниот систем, меѓу кои беше посочен и Етичкиот кодекс во делот на неговите рестриктивни одредби каде што се оневозможува коментирање на одлуките на Етичкиот совет, ние одлучивме да го измениме членот и во него повеќе не стои дека Јавните обвинители не смеат да ги коментираат одлуките на Советот на јавни обвинители туку воведовме нов став кој што гласи дека Јавните обвинители треба да внимаваат при јавните настапи на својот личен и професионален углед како и на угледот на Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители“,
одговара Димитриеска.
Претседателката на Советот на јавните обвинители во интервјуто вели дека сè уште не го добиле преводот на Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на С Македонија за 2023 година во кој, меѓу другото, се нотира дека Советот е нетранспарентен и недоволно ги образложува своите одлуки.
„Во однос на ова ваше прашање морам да кажам дека официјалниот извештај и извршениот превод не е доставен до Советот на јавните обвинители од страна на Министерството за правда, така што по неговото доставување детално ќе го проучиме како Совет, ќе ги видиме забелешките и ќе работиме на унапредување на работата“,
вели кусо Димитреска.
Душица Димитриеска беше едногласно избрана од своите колеги во Советот на јавните обвинители за претседател на оваа институција на 27 септември, со тајно гласање по принципот на непосредни избори – со гласачки ливчиња, параван и кутија за гласање. Функцијата од својот претходник, Антонио Јолевски таа официјално ја презеде на 1 октомври.
Целото интервју на Димитреска за Радио Слободна Европа може да го погледнете на следниот ЛИНК.