Претходно министерот Османи во интервју за „360 степени“ кажа дека процедурата за доаѓањето на Лавров е започната, иако Руската Федерација подлежи на санкции од ЕУ кон кои се има приклучено и Северна Македонија

Се процесираат апликациите и во наредните денови очекувам некаде до среда-четврток да имаме конечна одлука, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на прашањето дали на претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје ќе учествува и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Сè уште не е дефинирано кој ќе ја предводи делегацијата на Русија на состанокот на ОБСЕ, со оглед на затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји за високите претставници на руското МНР.
Претходно Османи во интервју за „360 степени“ кажа дека процедурата за доаѓањето на Лавров е започната, иако Руската Федерација подлежи на санкции од ЕУ кон кои се има приклучено и Северна Македонија.
Во Скопје на крајот на месецов (од 29 ноември до 1 декември) треба да се одржи Министерски совет на ОБСЕ, најголем меѓународен настан досега организиран во земјава. Се очекуваат околу 1 000 учесници од 76 делегации. По тој повод, Османи претходно кажа и дека се резервирани петте најголеми хотели во државата и неколку други.
Османи денеска, по промовирањето пригодна поштенска марка по повод големиот настан, изјави дека е задоволен од динамиката на организирањето на состанокот, подготовките се при крај и дека остануваат да се завршат одредени детали во наредните денови.
„Секој ден има нови делегации што го потврдуваат присуството и задоволен сум од тоа што го имаме досега. Очекувам најголем број од министрите на ОБСЕ да бидат присутни во Скопје бидејќи и така ќе биде историски министерски совет“,
додаде шефот на македонската дипломатија и претседавач на ОБСЕ.