Меѓу дел од реквизитите на протестот симболично се најде и „Признание за цензор на годината“ на име на Јованка Спировска-Панева – судијката од Граѓанскиот суд која неодамна пресуди дека ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска се одговорни за клевета со изнесување невистинити факти во истражувањето „Заговор против воздухот“
„Нашата работа е за јавноста, а не за пред колегите“, „Ми се објавува ми се плаче“, „Не ми се ќути“, „Цензори во име на моќниците“, „Не сме џубокс, ние сме новинари“, „Осудени за вистината“. Ова се само дел од пораките кои денеска беа упатени од новинарскиот протест пред Граѓанскиот суд Скопје.
Протестот е во организација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници (ССНМ), а се одржува непосредно по објавувањето на пресудата за случајот „Феронвест против ИРЛ“ кој се однесува на тужбата за навреда и клевета против Истражувачката репортерска лабораторија и главната уредничка Сашка Цветковска, поднесена од поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
Новинарите на ИЛР на денешниот протест ставија самолепливи ленти на усните, на тој начин симболизирајќи оти некој се обидува да ги замолчи и цензурира нив и нивната истражувачка работа.
Претставниците на ЗНМ истакнаа дека ќе испратат барање до судиите од Граѓанскиот и Апелациониот суд за поголемо разбирање, сериозност внимателност во постапките и тужбите против новинарите и медиумските работници. Побараа со голема сериозност да се земаат предвид одлуките на Советот за етика во медиумите и Советот на честа во насока на кредибилитетот и интегритетот на новинарите и медиумските работници.
Од протестот се обратија и новинарите Сеад Ризвановиќ и Горан Теменугов. Ја истакнаа важноста на истражувачкото новинарство и порачаа дека не може некој да дефинира кој може, а кој не може да биде новинар.
„Проблемот е што некој сака да не дефинира, да не озакони кој може, а кој не може да биде новинар. Слободните новинари се сржта на истражувањето и новинарството каде што обработуваме теми кои се многу важни за јавноста и со кои ги штитиме граѓаните. Ние слободните новинари, ‘фриленсерите’ кои се финансираме странично, а не од реклами, сме точно на браникот на јавниот интерес на браникот на граѓаните“,
порача новинарот Горан Теменугов.
Меѓу дел од реквизитите на протестот симболично се најде и „Признание за цензор на годината“ на име на Јованка Спировска-Панева – судијката од Граѓанскиот суд која неодамна пресуди дека ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска се одговорни за клевета со изнесување невистинити факти во истражувањето „Заговор против воздухот“.
Во неодамнешната пресуда на Граѓанскиот суд против Истражувачката репортерска лабораторија, која беше главен повод за денешниот протест, се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се тврди дека ИРЛ не е медиум, односно не е здружение за „новинарски известувања“, дека нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Законот за медиуми, a неговите членови немаат својство на новинари ниту можат, заради известување на јавноста, да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се занимаваат со истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање.
„Време е гласно да кажеме дека правото на граѓаните е пред правото на моќниците – судот нема право да одредува кој смее, а кон не смее да работи како новинар“,
порачаа од Здружението на новинари на Македонија во најавата за денешниот протест.