Жителите на кои им било дозволено накратко да се вратат во Гриндавик денеска повторно се евакуирани откако сензорите забележале зголемување на сулфур диоксид што е знак за потенцијална вулканска активност

Властите на Исланд се подготвуваат да изградат одбранбени ѕидови околу геотермалната централа на југозападот на земјата кои се надеваат дека ќе ја заштитат од лава доколку дојде до вулканска ерупција.
Сеизмичката активност и подземните текови на лава се интензивираа во текот на викендот на полуостровот Рејкјанес, во близина на главниот град Рејкјавик, што ги натера властите во саботата да евакуираат речиси 4 000 луѓе од рибарскиот град Гриндавик.
Веројатноста за ерупција останува висока и покрај намалувањето на сеизмичката активност, се вели во денешното соопштение на Исландскиот метеоролошки институт.
Денеска, помеѓу полноќ и пладне, биле регистрирани 700 земјотреси, што е помалку од претходните два дена, се вели во извештајот.
Властите соопштија дека се подготвуваат да изградат голем насип за да ги пренасочи тековите на лавата околу геотермалната централа „Свартсенги“, која се наоѓа на нешто повеќе од шест километри од Гриндавик.
Жителите на кои им било дозволено накратко да се вратат во Гриндавик, денеска повторно се евакуирани откако сензорите забележале зголемување на сулфур диоксид што е знак за потенцијална вулканска активност, бидејќи регионот останува на готовност за можна ерупција во југозападниот дел на Исланд.

Според националниот јавен сервис „РУВ“ нема индикации дека се случува ерупција, но „гасот не се појавува освен ако магмата е многу високо во земјината кора“.
Одделот за цивилна заштита и управување со вонредни состојби на Исланд објави на Фејсбук дека ситуацијата во областа Гриндавик и понатаму е опасна, а големи пукнатини, како и пожари, може да се појават во секое време.
