Премиерот Бенјамин Нетанјаху се најде на удар на тие што протестираат затоа што, како што велат, не направил повеќе за да обезбеди ослободување на заложниците кои се заробени од Хамас повеќе од еден месец

Семејствата на Израелците кои Хамас ги држи како заложници денеска започнаа петдневен марш од Тел Авив до Ерусалим барајќи од владата да направи повеќе напори за да обезбеди нивно ослободување, пренесува „Скај њуз“.
Демонстрантите протестот ќе го завршат во Тел Авив во сабота, пред резиденцијата на Нетанјаху во Ерусалим.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху се најде на удар на тие што протестираат затоа што, како што велат, не направил повеќе за да обезбеди ослободување на заложниците кои се заробени од Хамас повеќе од еден месец.
„Барам од Бенјамин Нетанјаху и од кабинетот да ни дадат одговори и да направат нешто“,
вели Шели Шем Тов, родител на 21-годишниот Омер кој е заробен во Газа пред пет недели.
Се верува дека борците на Хамас зеле околу 240 заложници за време на нивниот напад врз јужен Израел на 7 октомври, а заробениците биле на возраст од девет месеци до 85 години и се верува дека се држени во тунели длабоко под Појасот Газа.
„Не се чувствуваме како да сме во добри раце. Не се чувствуваме како да добиваме доволно информации. Ние сме во темнина. Сакаме одговори. Немам решение, но не е моја работа да барам решение. Мојата работа е да го барам моето семејство назад“,
вели Амит Зак, внук на 72-годишниот заложник Адин Моше.
Држејќи ги сликите од заробениците, толпата извикуваше „Донесете ги дома сега“.
Матан Ешет маршира кон Ерусалим за својот братучед и се надева на враќање на 240-те заложници.
„Триесет и девет дена без никаква врска со нашите најблиски. Тоа ве доведува до лудило. Мислам дека не сум спиел повеќе од два часа од 7 октомври“,
извикува тој.
Хамас вчера соопшти дека е подготвен да ослободи до 70 жени и деца заложници во замена за петдневно примирје и ослободување на 275 палестински жени и деца затворени во израелските затвори.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху досега отфрли какви било разговори за прекин на огнот и рече дека би бил подготвен да ги прекине борбите само ако сите заложници бидат ослободени.
Хамас досега ослободи четворица заложници, последниот на 23 октомври.