Тој пред Основниот кривичен суд Скопје денеска го призна делото за кое се товари, но рече дека избегал од местото на несреќата од страв да не биде тепан
Многу ми е жал за тоа што го сторив, се каам за тоа што го направив, рече на денешното судско рочиште 21-годишниот скопјанец кој на 12 октомври годинава со својот автомобил удри во десетгодишно дете на булеварот „Никола Карев“, познат како „Пластичарска“, а потоа побегна од местото на несреќата.

Тој пред Основниот кривичен суд Скопје денеска го призна делото за кое се товари, но рече дека избегал од местото на несреќата од страв да не биде тепан.
„Се каам за тоа што го направив. Не можам да спијам. Свесно и доброволно признавам“,
рече обвинетиот.
Во завршниот збор на денешното рочиште, обвинителот Даниел Коцев од ОЈО Скопје побара при одлучувањето, Судот да ги има предвид сите олеснителни околности како возраста, признанието на вина на обвинетиот, како и тоа дека вештакот одреден степен на вина за несрќата нашол и на страната на жртвата.
„Но, предлагам Судот да ги има предвид и исклучително отежнувачките околности, пред сè тоа дека жртвата е 10-годишно детенце и исклучителната болка предизвикана на семејството, како и дека по случувањето на несреќата обвинетиот воопшто не застанал да види што се случило и да укаже помош на жртвата и дека возилото го управувал со брзина поголема од законски предвиденото ограничување од 50 километри на час“,
изјави јавниот обвинител Коцев.
Адвокатот на обвинетиот по службена должност, во завршниот збор рече дека одбраната нема како, а да не се согласи со завршниот збор на обвинителот, особено што е прерано загубен еден детски живот, што не требало никогаш да се случи, но и за уште еден прерано уништен живот на обвинетиот.
Пресудата за случајот ќе биде објавена на 15 ноември.