Претседател на Основниот суд во Кавадарци е судијата Лазар Нанев, кој пред неколку дена беше разрешен од функцијата член и претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, токму од министерот за правда Кренар Лога
Министерството за правда преку Комисија за надзор на работата на судовите денеска врши проверка во Основниот суд Кавадарци, поради можни сомнежи за манипулација на работата на Информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети – АКМИС-системот.
Според Министерството за правда, Комисијата ќе врши надзор на работата на кавадаречкиот суд и на сите забелешки нотирани по анализата на материјалите за седница од Судски совет.
Тим од Министерството за правда ќе го испитува и АКМИС-системот.
Надзорот во Основниот суд во Кавадарци е дел од редовните активности на Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС-от, а беше најавен и на прес-конференција од страна на министерот за правда Кренар Лога.
Вакви надзори Комисијата во изминатиот период изврши во Управниот суд, како и во судовите во Куманово, Кратово, Крушево и Берово, по што беа изготвени извештаи за констатираните состојби.

Претседател на Основниот суд во Кавадарци е судијата Лазар Нанев, кој пред неколку дена беше разрешен од функцијата член и претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, токму од министерот за правда Кренар Лога.
Лога тогаш на прес-конференција информира дека иницирал и постапка за изработување нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело.
Лога тогаш изјави дека од материјалите на Судскиот совет се констатирани сериозни тврдења за нарушување на интегритетот на судијата.
„До Судскиот совет доставив допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата Лазар Нанев“,
изјави Лога.
Лога појасни и дека по добивањето и анализата на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал оти во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија.
„Како што и досега повеќепати имам изјавено, така и сега стојам на ставот дека Министерството за правда и јас како министер нема да дозволиме во работни тела, совети и комисии кои се под состав или надлежност на ова Министерство да членуваат лица за кои постојат сериозни индиции за нарушен интегритет. Имајќи го предвид фактот дека Претседателот на Основниот суд Кавадарци е член и досегашен Претседател на Советот за ИКТ, заради сериозноста на наводите кои упатуваат на можни злоупотреби, кои воедно се поткрепени и со писмени наводи доставени од Вишото јавно обвинителство Скопје и до Министерството за правда, сè до утврдување на целосната фактичка состојба во која е неопходно итно постапување и од страна на Судскиот совет, ја информирам јавноста дека со Одлука за изменување на Одлуката за формирање на Советот за ИКТ, која ја донесов денеска, судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци е ослободен од должноста член на Советот за ИКТ, а со тоа и претседател на овој Совет. Во оваа прилика му се заблагодарувам за досегашната соработка“,
изјави тогаш Лога.
Лога, исто така, посочи и дека Министерството за правда покрај сите преземени обиди не успеало да дојде до сознанија за, како што вели, какви било мерки кои Судскиот совет ги има преземено со цел испитување на фактичката состојба и утврдување одговорност врз основа на сите доставени писмени наводи и индиции за судијата и претседател на судот во Кавадарци.