Зборувајќи за застареноста на обвиненијата во случајот „ТНТ“ амбасадорката рече дека очекува Апелацискиот суд да биде надлежен за исполнување на законските обврски
Судскиот совет не успеал во целост да ги исполни своите законски обврски, а тоа не е правдата што ја очекуваат жителите на оваа земја, истакна амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во државава, Ангела Прајс Агелер, во изјава за ТВ Алсат, коментирајќи ги случувањата во Судскиот совет и постапувањето на ова тело во однос на политичките притисоци врз Врховниот суд.

„Судскиот совет – теоретски независно тело – има клучна одговорност за назначување квалификувани судии и за дисциплинирање на оние штоне ги исполнуваат највисоките стандарди. Мандатот на Советот е да обезбеди правилно и транспарентно функционирање на судството во оваа земја. Жал ми е што морам да кажам дека сме виделе малку докази што укажуваат дека овие свети должности се исполнети. Народот на оваа земја заслужува подобро“,
рече Агелер.
Агелер зборувајќи за застареноста на обвиненијата во случајот ТНТ рече дека очекува Апелацискиот суд да биде надлежен за исполнување на законските обврски.
Шефот на американската дипломатија во земјава вели дека сѐ уште нема информации за одлуката на Апелација, но додава дека второстепениот суд мора да одлучи согласно законот.
„Не сум ја видела одлуката на Апелациониот суд за отфрлање на обвиненијата во случајот ТНТ, но внимателно ќе ја разгледаме, со надеж дека пресудата е транспарентна и во согласност со законот“,
рече Агелер.
Коментарите на Агелер доаѓаат неколку дена откако таа одржа работна средба со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која јавно ги осуди политичките притисоци врз неа и врз институцијата што ја води, особено по барањето за враќање на аболицијата од 2016 година.