Министерот за правда, кој е и предлагач на законот за амнестија, ова го направи пред почетокот на денешната 129. пленарна собраниска седница на чиј дневен ред, меѓу другите, беше и точката за предлог-законот за амнестија по скратена постапка
Министерот за правда Кренар Лога на пратениците во Собранието денеска им подели албуми со фотографии од затворот „Идризово“ на кои се гледа лошата состојба во која се наоѓа казнено-поправната установа. Ова го направи пред почетокот на денешната 129. пленарна собраниска седница на чиј дневен ред, меѓу другите, беше и точката за предлог-законот за амнестија по скратена постапка.
Лога, кој е и предлагач на законот за амнестија, најави дека ќе им подели вакви фотоалбуми на пратениците на својот последен брифинг со новинарите кој го одржа на 28 септември.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно неколкупати најави дека ќе го блокира носењето на предложениот закон со доставување голем број амандмани, а амандмани најави и владејачкиот СДСМ доколку со законското решение се опфатени и осудениците од предметот „Монструм“.
Министерот за правда Кренар Лога, пак, е на став дека предлог-законот за амнестија е ист како оној од 2018 година што го поддржала и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, новиот предлог-закон за амнестија предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворски казни до шест месеци, а осудениците со казни од шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Исклучок од амнестијата има за тешките кривични дела.