За случувањата во правосудниот систем во земјава во изминатите неколку месеци, Рејндерс се воздржа од конкретни коментари посочувајќи дека целосната оценка ќе биде дадена во извештајот на Европската комисијата за земјава, кој треба да биде објавен наредниот месец
Недостигот на ефективна дебата пред носењето на последните измени во Кривичниот законик била една од околностите што ја изненадиле Европската Унија, изјави денеска во Скопје еврокомесарот на правда Дидие Рејндерс. Тој најави дека Европската комисија својата загриженост за начинот на кој беа донесени и ставот околу самите измени ќе ѝ ги соопшти на земјава на билатерален состанок.
Инаку, Рејндерс учествуваше на министерскиот форум за правда ЕУ-Западен Балкан, кој се одржува во Скопје
„Има два-три елементи тука. Прво бевме изненадени од недостигот на ефективна дебата и консултации за таква реформа. При носењето на промената, секогаш велам дека е важно да се разменат ставови со ЕК пред носењето на таков тип на законодавство. Како што реков, со некои земји секако треба да бидеме воздржани, да се избегнува донесување на закони со европско знаменце по брза постапка“,
изјави Рејндерс, на заедничката прес-конференција со министрите за правда на Шпанија и на Северна Македонија, Мариа Пилар Лоп Куенка и Кренар Лога,
Тој посочи дека дополнително ќе се разговара и за ефектот од тие измени и дополнувања за тековните случаи за корупција од висок профил.
„Намалувањето на казните и застарувањето ќе значи неосудување. Секако, ние сакаме да добиеме одговор, да продолжат кривичните гонења. Тоа секако ќе биде дискусија на билатерално ниво. Изразивме мислење за тоа имаме загриженост во однос на кривичните гонења. Во однос на содржината, секако сакаме прво да се осигури да не изостане кривично гонење на случаи од висок профил. Она што веќе го видовме изминатите месеци“,
изјави еврокомесарот за правда пренесува МИА.
Прашан за случувањата во правосудниот систем во земјава во изминатите неколку месеци, Рејндерс се воздржа од конкретни коментари посочувајќи дека целосната оценка ќе биде дадена во извештајот на Европската комисијата за земјава, кој треба да биде објавен наредниот месец.
Сепак, еврокомесарот во овој контекст наведе две забелешки.
Она што го кажав за кривичните судови, треба да има добра пракса во однос на истрагите и кривичното гонење на случаи од висок профил. Тоа ќе биде дел од дискусијата на билатерално ниво, не само за Кривичниот суд, туку и реформите во законот и за капацитетот за гонење на овие случаи во иднина, како и за ситуацијата со Судскиот совет и оние промени што беа направени“,
изјави Рејндерс.
Во однос на Судскиот совет, Рејндерс посочи дека е важно да се организира добар процес, препорака што ја даваат и на земји членки.
„Тука мислам на извештајот за владеење на правото на земјите членки. Бараме и од земјите членки да направат реформи, а истото го правиме и со партнерите од Западен Балкан“,
посочи еврокомесарот за правда.
Тој истакна дека довербата на граѓаните и бизнисот во судството и правниот систем е битно во процесот на реформи, на што Унијата инсистира бидејќи не е доволно само да се донесат нови закони со стандарди и тие да се имплементираат, туку дека треба да изгради и подобар степен на доверба во судството. Поради тоа, Унијата инсистира на следење на судскиот процеси и имплементација на сите препораки кои стигаат од ОБСЕ во проектот за следење на судењата.
Еврокомесарот за правда, исто така, потсети дека преговорите за пристапување на земјава во ЕУ, со отворање на кластерите и поглавјата почнуваат и завршуваат со владеењето на правото, во кое судството е можеби најважниот дел од тој процес.