Миле Јанакиески е обвинет за две дела во предметот за нелегално финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, односно за злоупотреба на службената положба и за перење пари. Обвинителството предложи да се констатира застареност на делото злоупотреба на службената положба бидејќи со неодамнешните измени на Кривичниот законик се намали казната, а со тоа и рокот на застарување на делото
За сите други обвинети, пак, судењето за „Талир“ ќе почне од почеток. Причината е што има смена на еден поротник во судечкиот совет
Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески најверојатно ќе се спаси од кривичен прогон за делото злоупотребата на службената положба и овластување во случајот „Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во времето додека на чело на партијата беше Никола Груевски. Тоа не значи дека Јанакиески ќе биде ослободен од одговорност во овој предмет бидејќи е обвинет за уште едно дело – перење пари.

Ваквиот расплет го навести денешното рочиште за случајот „Талир“ во Основниот кривичен суд Скопје откако Обвинителството му предложи на Судот да констатира застареност на ова дело за Миле Јанакиески, согласно неодамнешните контроверзни измени на Кривичниот законик, со кои беа намалени пропишаните казни за делата од членот 353 (злоупотреба на службената положба) и беше воведена горна граница за максималните казни.
Сепак, дали Јанакиески нема да се гони за ова дело во „Талир“ ќе се дознае на 10 ноември. За тогаш е закажано следното рочиште.
Инаку, како што рече обвинителката Ленче Ристоска, која го застапува предметот, излагајќи го својот предлог, тој се однесува само на Миле Јанакиески, но не и на другите обвинети во случајот. Предметот го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а по неговото расформирање го презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Со оглед дека со Службен весник на Република Северна Македонија број 188/23 од 7 септември 2023 година извршени се измени на Кривичниот законик кои се однесуваат и на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од КЗ сметам дека во конкретниот случај по однос на обвинетиот Миле Јанакиески има основа за примена на овие измени како поблаг закон. Имено, Миле Јанакиески согласно со обвинението се товари за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 4 за дејствија кои ги презел во 2013 година. Имајќи ги во предвид новите казни предвидени за ова кривично дело, а доведени во корелација со членовите 107 и 108 од КЗ сметам дека во конкретниот случај има основа за да се применат одредбите од КЗ и му предлагам на судот да донесе одлука за примена на законот кој што е поповолен за него“,
рече Ристоска.

Како појаснување до судот таа посочи дека Јанакиески за ова дело се товари во точката 1 од обвинителниот акт, додека во точката 2 тој се гони за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, за кое постапката против него продолжува.
По вака изнесеното барање од Ристоска, збор во судницата земаа дел од останатите обвинети и нивните адвокати, кои побараа судот да донесе решенија за застареност на делото и во однос на нив.
Така, адвокатот Донче Наков предложи судот да се произнесе и за застареност и за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која исто така е опфатена во случајот како правно лице.
Наков се повика на членот 96-л од Кривичниот законик, во кој се предвидени посебни одредби за застареност од кривично гонење и од извршување на казна за правни лица.
Поранешниот пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, исто така побара судот да донесе решение за застареност на делото за него и за Леко Ристовски. Како аргумент за своето барање тој направи паралела со случајот со ексшефот на кабинет на Груевски, Мартин Протуѓер, кој не е дел од овој предмет бидејќи уште претходно му застари делото.

Застарување на делото за својот клиент побара и адвокатот на обвинетиот, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.
„Со оглед дека во случајов претставникот на обвинението побара да се запре постапката и тоа го стори во однос на Миле Јанакиески за дејствија преземени во 2013 година по точка 1 од обвинителниот акт за злоупотреба на службената положба и овластување, согласно одредбите од Законот за кривична постапка и начелото beneficio cohesionis, односно она што важи за еден важи за едно лице, важи и за сите во истата правна состојба и опис. Во описот од точка 1, и дејствијата на Кирил Божиновски се за состаноци и дејствија во 2013 година што согласно измените на КЗ сметам дека судот треба да одлучи за запирање на постапката за ова кривично дело од членот 353 од КЗ и за Кирил Божиновски“,
рече адвокатот Еленко Миланов.
За барањата на дел од обвинетите пред судот се изјасни обвинителката Ристоска оценувајќи ги сите како неосновани.
„Во однос на правното лице политичка партија ВМРО-ДПМНЕ на товар му се става кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, за дејствија опфатени во периодот од 1.1. 2009 до 31.12.2015 година. Со оглед дека во овие законски одредби не е интеревенирано (со измените на КЗ) и со оглед дека по член 96-л за застарување во конкретниот случај е предвиден рок од 10 години сметам дека ваквиот предлог е неоснован.
-Во однос на наводите на обвинетиот Илија Димовски сакам да појаснам дека се работи за кривично дело од член 273 (перење пари и други приноси од казниво дело н.з.) и дека на Димовски и Ристовски на товар им се ставаат дејствија кои се извршени во 2015 година поради што не е настапена застареност за кривично гонење.
-Паралелата со осомничениот Протуѓер е несоодветна бидејќи истиот не се товараше за истото кривично дело, односно му се ставаше на товар став 4 од член 273, а доведено во корелација со сите вербални и материјални докази за кој член рокот за застареност е пократок и затоа за него и настапи застареност. Фактичката состојба во однос на доказите не се променети и заради тоа сметам дека и овој предлог е неоснован.
-За наводите на Еленко Миланов кои се однесуваат на Кирил Божиновски му појаснувам на судот дека Божиновски се товари за дејствија преземени во периодот од 1.1.2009 до 31.12.2015 година. Од текстот на обвинението е јасно дека 2013 година, како година на преземање на дејствија се става на товар само на Миле Јанакиески и затоа сметам дека предлогот на Миланов не основан“,
рече Ристоска.
Инаку, судијата Осман Шабани кој ја води судската постапка, по дадената пауза, не се изјасни за предлогот на обвинителството. Како што беше образложено, оставен е простор во обвинителниот акт да се прецизира точниот временски период кога Јанакиески го извршил делото во 2013 година кое му се става на товар. Па затоа одлучи да го одложи денешното рочиште и следното да го закаже за 10 ноември, кога и треба да биде познато дали на Јанакиески ќе му застари делото злоупотреба на службената положба и овластување во случајот Талир.
Судењето за „Талир“ почна на 2 март 2020 година. Првообвинет е експремиерот и бивш лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но нему му се суди во отсуство бидејќи избега и доби азил во Будимпешта. Покрај него, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески. Тројцата се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари. На обвинителна клупа се и Илија Димовски и Леко Ристовски само за делото перење пари, а како правно лице осомничена е и партијата. Во случајот обвинета беше и Елизабета Чингаровска, но таа призна вина и доби условна казна.
Судењето денеска почна од почетокот бидејќи има промени во Судечкиот совет, односно на местото на еден поротник, доаѓа друг.
Инаку, Јанакиески во моментов издржува затворска казна од три години и шест месеци за случајот „Титаник“. Тој во јули годинава од куќен притвор беше спроведен во затвор откако призна вина за речиси сите дела поврзани со изборни нерегуларности во случајот „Титаник“, освен за делото злоупотреба на средствата за финансирање изборна кампања, но подоцна обвинителството се откажа од прогон за ова дело. Тој е на обвинителна клупа и за повеќе други случаи што ги отвори поранешното СЈО.
Еден од нив е и случајот „Топлик“, кој Апелацискиот суд Скопје минатата недела соопшти дека го врати на повторно судење во Кривичен.
Предметот „Топлик“ се однесува на продажбата на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба Сончев Град во Сопиште.
Инаку, „Топлик“ е дел од листата на предмети што ја објави невладината Коалиција „Сите за правично судење“ за кои ќе настапи застареност по измените на Кривичниот законик.
Според обвинението, делото злоупотреба на службената положба и овластување за кое се товарат Јанакиески и останатите обвинети е сторено од 3 април 2007 до 18 февруари 2013 што значи дека апсолутна застареност според пресметките настапила во февруари 2023 година.
Кога станува збор за импликациите од измените на Кривичниот законик Основниот кривичен суд Скопје минатата недела донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина” за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување поради настапено застарување.
Со ова застареа кривичните дела за нелегалното прислушување за предметот, а во судница остануваат обвинетите што се опфатени со делот за ништење на опремата.
Поради измените на Кривичниот законик судот донесе решение со кое ја запре постапката за кривично гонење и за случајот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, и новинарката Ивона Талевска.