Поранешниот генсек на Владата, согласно сега поднесениот обвинителен предлог, се товари за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 став четири, кој со измените на КЗ предвидува казна затвор од една до пет години, за разлика од претходно, кога тој се гонеше по истиот член, но по став 5, кој предвидуваше затворска казна од минимум пет години
На денешното рочиште беше укината и мерката притвор на Зеќири, која му е заменета со мерки за претпазливост, согласно кои тој ќе треба секоја среда да се пријавува во судот, а ќе му биде одземен и пасошот
Судскиот процес против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири се враќа на почеток откако јавната обвинителка на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје го преквалификува поднесениот обвинителен акт во обвинителен предлог, а согласно неодамнешните измени на Кривичниот законик.

„Поднесениот обвинителен акт е трансформиран во обвинителен предлог согласно измените на Кривичниот закон од септември 2023, кои што предвидуваат поблаго казнување за обвинетиот. Врз основа на тоа е извршена измена на диспозитивот на сега поднесениот обвинителен предлог во делот на опфатот на законските елементи на кривичното дело кое му се става на товар“,
образложи обвинителката, пренесува МИА.
Поранешниот генсек на Владата, согласно сега поднесениот обвинителен предлог, се товари за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 став четири, кој со измените на КЗ предвидува казна затвор од една до пет години, за разлика од претходно, кога тој се гонеше по истиот член, но по став 5, кој предвидуваше затворска казна од минимум пет години.
Имено, со неодамнешните измени на Кривичниот законик отпадна досегашниот став 5 од член 353 од КЗ, кој гласеше: „Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.
Дополнително, а исто така согласно измените на КЗ, процесот против Зеќири ќе се води по скратена постапка, согласно членот 470 од Законот за кривична постапка (ЗКП) бидејќи станува збор за дело за кое е предвидена казна затвор до пет години. Од истата причина предметот отсега наместо судечки совет ќе го води судија поединец. Ова исто така произлегува од ЗКП, според кој за кривичните дела за кои како главна казна е пропишана парична казна или казна затвор до пет години во прв степен суди судија поединец.
По повторното отпочнување на постапката, обвинителката го дополни доказниот материјал во делот со конфискација, додека одбраната побара повторно сослушување на сведокот Кире Костов.
На денешното рочиште поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири изјави дека не се чувствува за виновен за делото што му се става на товар, а постапката продолжи со испитување на сведок на предлог на одбраната, односно сопругата на поранешниот генерален секретар, Бисера Зеќири.
Таа беше испитувана во однос на нејзиниот сеф, работите што ги чувала таму, како и навратите кога пристапувала до него.
На денешното рочиште беше укината и мерката притвор на Зеќири, која му е заменета со мерки за претпазливост, согласно кои тој ќе треба секоја среда да се пријавува во судот, а ќе му биде одземен и пасошот.
Во врска со ова прашање се произнесе јавната обвинителка која го застапува предметот, која посочи дека веќе не постојат законски основи за продолжување на мерката притвор.
„Со оглед на фактот што во конкретниов случај против обвинетиот се води скратена постапка согласно член 470 од ЗКП, мерката притвор може да трае најмногу 60 дена од денот на поднесување на обвинението. Со оглед на таквата фактичка состојба, наоѓам дека во конкретниов случај веќе не постојат законски основи за продолжување на предложената мерка поради што предлагам истата да биде укината. Но, воедно предлагам заради обезбедување на обвинетиот и непречено судење, да му бидат определени мерки на претпазливост кои што би се состоеле во ненапуштање на живеалиштето, редовно пријавување и одземање на патната исправа“,
рече таа.
Инаку, ова е вторпат судењето против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири да почнува од почеток. Откако почна кон средината на декември 2022 година, судењето стартуваше од почеток во април годинава поради истек на време меѓу две рочишта и промена на членови на Судечкиот совет.
Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147 000 евра повеќе од претходно договорените 795 000.
Тој се гони за склучување два договори во четири очи за консултантски услуги – едниот за определување модел за реструктуирање на АД „Пошта“ и вториот договор за консултантски услуги за поддршка на процесот за потенцијална приватизација на „Железници“.
Судскиот процес го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Катерина Колариќ.
Судењето продолжува на 7 ноември.