Денешниот конвој се проверува и потоа ќе се упати кон Појасот Газа, изјавија за Ројтерс работниците од обезбедувањето и хуманитарните служби во Рафах

Седумнаесет камиони со хуманитарна помош го минаа египетскиот пограничен терминал со Појасот Газа, кој е под опсада и израелско бомбардирање, што е втор конвој за два дена наменет за палестинска територија од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.
Во саботата, откако помина конвојот од првите 20 камиони, ОН процениле дека таквата количина е доволна за 4 отсто од дневните потреби на Газа пред избувнувањето на војната.
Денешниот конвој се проверува и потоа ќе се упати кон Појасот Газа, изјавија за Ројтерс работниците од обезбедувањето и хуманитарните служби во Рафах.
Пет агенции на ОН вчера предупредија дека хуманитарната ситуација во Газа е „катастрофална“, посочувајќи дека болниците се „преоптоварени“ со ранети и дека децата „умираат со алармантна брзина“. Светската здравствена организација, Светската програма за храна, УНИЦЕФ, Програмата за развој и Фондот за население потсетуваат во заедничко соопштение дека хуманитарната ситуација во Газа била „очајна“ и пред конфликтот што беше предизвикан од нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Сега е катастрофална, додаваат тие, повикувајќи ја меѓународната заедница „да направи повеќе“ за да им помогне на луѓето во Газа.
Израел воведе „целосна опсада“ на палестинската територија по терористичкиот напад на милитантите на Хамас на 7 октомври, отсекувајќи го густо населениот крајбрежен појас на Медитеранот од храна, гориво, лекови, вода и други основни залихи, предизвикувајќи стравувања од хуманитарна катастрофа.
Долга колона камиони со хуманитарна помош со денови е на преминот Рафах. Израел продолжува да бомбардира цели на Хамас со воздушни напади и мобилизира стотици илјади воени резервисти пред очекуваниот копнен напад во Појасот Газа. Палестинските милитанти продолжуваат да истрелуваат ракети од Газа кон Израел.