Камиони со хуманитарна помош, кои со денови чекаа на египетскиот премин кон Газа, почнаа денеска да влегуваат на таа територија, на 15-тиот ден од војната меѓу Израел и Хамас
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека камионите со хуманитарна помош од лекови за повреди и хронични болести и суштински лекови денеска пристигнуваат во Газа.
Ова е овозможено откако граничниот премин Рафа, меѓу Египет и Појасот Газа, денеска беше отворен за испорака на хуманитарната помош.
Но, како што јавува Си-ен-ен, преминот Рафа бил затворен кратко откако поминале дваесетте камиони. Ројтерс пренесе став на Канцеларијата за медиуми на Хамас која објави дека долго очекуваните камиони со помош за жителите на Газа нема да ги променат катастрофалните здравствени услови. Хамас објави и дека пратката, покрај лекови, содржи и ограничено количество храна.
Претходно американската амбасада во Израел соопшти дека граничниот премин Рафа ќе биде отворен за странци кои сакаат да го напуштат Појасот Газа.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави отворањето на граничниот премин од Египет кон Газа за камиони со хуманитарна помош за палестинската енклава и изјави дека тоа ќе биде важен прв чекор што ќе го олесни страдањето на невините луѓе.
„Го поздравувам отворањето на граничниот премин Рафа кон Газа за хуманитарна помош. Ова е важен прв чекор што ќе го олесни страдањето на невините луѓе. Им благодарам на сите што го овозможија тоа“,
напиша Фон дер Лајен на платформата Икс.
Камиони со хуманитарна помош кои со денови чекаа на египетскиот премин кон Газа почнаа денеска да влегуваат на таа територија, на 15-тиот ден од војната меѓу Израел и Хамас, која е на власт во палестинската енклава.