Интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, на 14 септември, ја поднесоа група пратеници од албанскиот опозициски блок во Собранието, а се однесува на судскиот предмет за пожарот во тетовската модуларна болница во кој на 8 септември 2021 година загинаа 14 лица

Предлогот за интерпелација на државниот обвинител Љубомир Јовески, поднесен од пратеници од опозицијата ќе се најде на собраниска седница на 2 ноември.
Интерпелацијата е ставена како 13 точка на дневен ред на пленарната седница.
Според информациите од собраниската прес-служба, пратениците ќе расправаат и за Предлог одлуката за објавување на јавен оглас за избор на претседател и членови на Антикорупциската комисија, чиј мандат истекува во февруари.
На истата седница како 15 точка е ставена и Предлог одлуката за огласување избор на член на Државната изборна комисија. По именувањето на Кренар Лога за министер за правда се испразни едно место во ДИК кое треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.
Интерпелацијата за работата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, на 14 септември, ја поднесоа група пратеници од албанскиот опозициски блок во Собранието, а се однесува на судскиот предмет за пожарот во тетовската модуларна болница во кој на 8 септември 2021 година загинаа 14 лица.
Подносители на интерпелацијата се пратеници од Алтернатива, Беса и партијата Демократско движење.
Основната причина за поднесувањето на интерпелацијата за Јовески, како што рекоа тогаш пратениците, е кулминацијата на неговата неконзистентна, нетранспарентна, контроверзна работа и губењето на јавната доверба кон институцијата Јавно обвинителство, што се случи со судскиот предмет за пожарот на модуларната болница.
Најдоцна 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата, субјектот на кого му е поставена, има право да достави писмен одговор до претседателот на Собранието. Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците.
На 4 октомври, јавниот обвинител Љубомир Јовески достави писмо до претседателот на Собранието Талат Џафери по поднесената интерпелација од дел од пратениците од опозицискиот албански блок, во кое ја објаснува целата постапка за судскиот предмет за пожарот во тетовската модуларна болница во кој на 8 септември 2021 година загинаа 14 лица.
Јовески во писмото вели дека за овој трагичен настан јавноста во континуитет се известувала без да се наруши текот на постапката, која во еден дел веќе завршила со осудителна пресуда. Јовески, исто така, во писмото ја објаснува целата постапка и дејствијата што ги презело Јавното обвинителство.
Поддршка за интерпелацијата тогаш најави и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и двајцата пратеници од опозициската Левица.
