Во соопштението од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се додава дека темите за кои се разговарало на средбата со претставничките на здружението „Јас сум жена“ се наведени во официјалното соопштение и оти не станало збор за абортусот, ниту за ограничување на репродуктивните права
Ставот на претседателката во врска со правото на абортус останува непроменет – секоја жена има право самостојно да одлучува за сопственото тело, здравје и живот, како израз на личната автономија, достоинството и слободата на избор. Ова е реакцијата на Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, откако Мрежата за заштита од дискриминација ја проблематизира средбата што шефицата на државата на 6 октомври ја остварила со претставнички на здружението „Јас сум жена“.

Од Мрежата посочија дека претседателката на „Јас сум жена“, Ана Дукоска, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“, заедно со Рејчел Скот и Кимберли Флечер, основачка и претседателка на американската организација „Мајки за Америка“, која, како што тврдат, отворено се позиционира против правото на абортус. Како дел од оваа мрежа во октомври лани во Охрид била промовирана и иницијативата „Мајки за Македонија“.
„Потсетуваме дека средбата се одржа со претставничките на Здружението ‘Јас Сум Жена’, во пресрет на претстојната конференција, а не со претставнички на здружението ‘Мајки за Македонија’. Ставот на претседателката за правото на абортус останува непроменет – секоја жена има право самостојно да одлучува за сопственото тело, здравје и живот, како израз на личната автономија, достоинството и слободата на избор“,
се вели во соопштението од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.
Се додава дека темите за кои се разговарало на средбата со претставничките на „Јас Сум Жена“ се наведени во официјалното соопштение и оти не станало збор за абортусот, ниту за ограничување на репродуктивните права.
Дополнително, во соопштението на претседателскиот кабинет се посочува дека претседателката останува отворена за дијалог со невладиниот сектор и се нагласува дека средбите со граѓанските организации не треба да се толкуваат како согласување со нивните ставови по сите општествени прашања.
Во отвореното писмо, Мрежата за заштита од дискриминација претходно ја повика шефицата на државата да каже дали е запознаена со политичките и вредносните позиции на здружението со чии претставнички остварила средба, како и неговите меѓународни поврзаности, особено во однос на правото на абортус.
