Од ЕСМ велат дека станува збор за комплексна активност што бара сериозна посветеност и работа, но оти се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок

Почнаа активностите за поставување на новите цевки за парно греење под мостот „Беласица“, информираат од државната „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ). Новите цевки се поставуваат откако пред пет месеци топловодот под мостот беше оштетен од пожар.
Од ЕСМ велат дека станува збор за комплексна активност што бара сериозна посветеност и работа, но оти се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок.
Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки, од ЕСМ велат дека потрошувачите ќе добиваат греење преку алтернативен вод на железничкиот мост, кој, според информациите од компанијата, има капацитет да врши континуирана испорака на топлинска енергија вклучувајќи ги и количините кои ќе ги испорачува ТЕ-ТО.
„Во текот на изминатиот период, АД ЕСМ активно работеше на решение за проблемот со цевководот кај мостот ‘Беласица’, кој е од суштинска важност за парното греење во Град Скопје. Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови и за нивно поставување веќе се започна со активности на терен“,
велат од ЕСМ.
Оттаму додаваат дека испораката на топлинска енергија во грејна сезона е од 6 до 22 часот по строго утврдени правила и дијаграми и, според нив, во октомври и првата половина на ноември, кога надворешните временски услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот.
„При одредени атмосферски услови во периодите на високи надворешни дневни температури, се прекинува испораката на топлинска енергија“,
додаваат од ЕСМ.
Од компанијата апелираат до потрошувачите и управителите, односно заедниците на сопственици, да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок и тоа веднаш да го пријават во Центарот за грижа на потрошувачи, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија, додаваат од ЕСМ.