Мислам дека во наредните денови ЕСМ ќе треба да започне со поставување нови цевки. Доколку не се успее во тој процес, тогаш ќе има проблем греењето во Скопје, но сметам дека не треба тоа да се случи, вели премиерот Ковачевски

Три недели остануваат до почетокот на грејната сезона, а топловодните цевки, што треба да се постават на мостот „Беласица“, сè уште стојат настрана од него. Цевки кои носат топлинска енергија од когенеративната централа ТЕ-ТО треба да ги постави ЕСМ, но за тоа да почне прво Град Скопје треба да даде дозвола. Доколку овие цевки не се постават навреме, скопјани стравуваат дека во одредени делови од градот може да нема парно греење.
Денеска за овој проблем премиерот Димитар Ковачевски рече дека активно се работи и оти не би требало да се доцни.
„Мислам дека во наредните денови ЕСМ ќе треба да започне со поставување на нови цевки, тоа значи одредена подготовка на долниот дел од мостот неврзано со конструкцијата на мостот и врз основа на таа подготовка, која се прави врз претходно вештачење, ќе можат да започнат со поставување на цевките. Доколку не се успее во тој процес, тогаш ќе има проблем греењето во Скопје, но сметам дека не треба тоа да се случи“,
рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.
И премиерот Ковачевски е согласен со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, кој минатата недела рече дека доколку не бидат поставени топловодните цевки на мостот „Беласица“, цената на парното греење ќе доживее ценовно цунами. Ковачевски потврди дека топинската енергија што се добива од когенеративната централата ТЕ-ТО е неколкукратно поевтина во однос на она што би се добивало од другите топлани кои работат на другите енергенти.
Според Ковачевски, потребна е континуирана комуникација меѓу ЕСМ и Град Скопје.
„ЕСМ има многу сериозно пристапено кон овој проблем. Ќе биде потребна дневна комуникација со Град Скопје прво во делот на санирање односно подготовка на подлогите за поставување на цевките, издавање на сооветни дозволи. Сметам дека има време тоа да биде направено. Штом се направи тоа ќе ја олесни работата на Регулаторна комисија за да може да одреди цена на топлинска енергија која ќе биде прифатлива за скопјани“,
рече Ковачевски додавајќи дека целосната реконструкција на мостот не е поврзана со топловодот.
За проблемот со непоставените топловодни цевки, од што зависи и цената на парното греење кое скопјани ќе го плаќаат во новата грејна сезона, минатата недела алармира претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. Тој рече дека доколку не бидат поставени топловодните цевки на мостот „Беласица“, цената на парното греење, ќе доживее ценовно цунами. Бислимоски ова го потврдува со информациите дека производството на топлинска енергија од ТЕТ-ТО е три пати пониска од цената на топланите. Вкупниот трошок за топланите, што го плаќаат граѓаните на Скопје е 52 отсто, а трошокот за ТЕ-ТО е 36 отсто, објасни Бислимоски додавајќи дека од друга страна, пак, има обратна ситуација во однос на произведената топлинска енергија, односно ТЕ-ТО обезбедува 60 отсто, а топланите во Скопје обезбедуваат околу 40 отсто.
Според Бислимоски, доколку не се донесе одлука, ќе продолжи да важи постојната цена за парното греење. Во овој момент цената за топлинска енергија во Скопје е околу 30 отсто субвенционирана и одговара на далеку пониска цена на природниот гас од таа што е во моментов.
Од ЕСМ на почетокот на месецот рекоа дека по добиена дозвола од Град Скопје се подготвени во најкраток можен рок да ги постават новите топловодни цевки на мостот „Беласица“.
Оттаму тогаш рекоа дека опожарувањето на мостот нема да биде причина за старт на грејната сезона, која почнува наредниот месец и велат дека сите потрошувачи ќе имаат сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија.
Мостот „Беласица“, четири месеци откако беше опожарен и затворен за сообраќај, на почетокот на овој месец беше делумно пуштен за автомобили. Во соопштението, кое Град Скопје, го испрати тогаш се наведува дека ќе може да сообраќаат само лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ.
Пожарот на мостот „Беласица“, кој ја поврзува Железничката станица со крстосницата кај трговскиот центар „Ист гејт“, избувна околу полноќ меѓу 11 и 12 мај.
Мостот „Беласица“ е една од клучните артерии во Скопје која поврзува два дела од градот поради чие неработење се создава(ше) дополнителен метеж во и онака оптоварениот сообраќај во македонската престолнина.