Здравствената состојба на косовскиот претседател само малку ги одложи неговите планови да преземе мерки за избор на нова влада на Косово, откако му беше изгласана недоверба на кабинетот на Албин Курти кој, пак, реагира денеска дека Тачи е „церемонијална фигура“ и „државен нотар“
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, е примен денеска на преглед во Клиничкиот и универзитетски центар на Косово поради здравствени проблеми кои, како што се соопштува, не се поврзани со заразата од новиот коронавирус.
Здравствената состојба на Тачи само малку ги одложи неговите планови да преземе мерки за избор на нова влада на Косово, откако му беше изгласана недоверба на кабинетот на Албин Курти, кој, пак, реагира денеска дека косовскиот претседател ги надминува своите овластувања.
Претседателскиот кабинет соопшти дека Тачи бил примен на Клиниката за урологија поради проблеми предизвикани од камења во бубрегот и дека неговата здравствена состојба е стабилна.
По извршените прегледи и третманот против болки, Тачи е пуштен дома и се чувствува добро, соопшти неговиот кабинет.
„По појавувањето на првите проблеми, претседателот Тачи утрово замина во итната служба на Клиничкиот центар и по препорака на лекарскиот персонал е упатен на Клиниката за урологија, каде што ги изврши анализите и доби третман за болките предизвикани од камења во бубрег. Претседателот на Косово се заблагодарува на целиот персонал за искажаната грижа“,
се наведува во соопштението.
Претходно, Тачи најави дека оваа седмица ќе преземе дејствија за формирање нова влада на Косово. На тие најави реагираше в.д. премиерот Курти, кој изјави дека Тачи се стреми да наметнува политичка волја во Косово.
Курти, во неговото денешното обраќање пред новинарите во Приштина, изјави дека претседателот е „церемонијална фигура“ и „државен нотар“.
„Јас сум вршител на должноста премиер, но државата има претседател кој е надвор од своите овластувања со својата интенција да формира влада и да наметнува политичката волја во Косово. Претседателот е една церемонијална фигура, може да се каже државен нотар, кој не е еден од столбовите на државата. Јасно е дека тој не е задоволен од надлежностите кои ги има, но такви се според Уставот и за тоа требал да мисли навреме“, .
изјави Курти.
Тачи вчера најави дека неделава ќе ги преземе дејствијата, согласно неговите уставни овластувања, за формирање нова влада на Косово, со оглед дека сегашната влада предводена од Курти е во оставка откако на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од собранието.
Курти ги одбива барањата на претседателот да именува мандатар за формирање на нова влада, тврдејќи дека нова влада во ваква ситуација, според неговото толкување на Уставот, може да се формира единствено по нови избори, кои би се одржале откако ќе помине епидемијата.