Филипче пред пратениците рече дека не го оправдува тоа што дел од лековите на Клиниката за онкологија биле набавувани на реверс, но дека тоа е направено за пациентите да не останат без лек

Пред Анкетната комисија за случајот со Онкологија денеска се обрати поранешниот министер за здравство Венко Филипче кој рече дека пред тој да стане министер имало систем со кој не се знаело на пациентите со малигни заболувања и за дијабетичарите какви лекови им се даваат. Но, како што вели Филипче, законот е променет и оттогаш лековите се увезуваат по европски критериуми.
Паралелниот увоз на лекови кој постоел до 2018 година, како што рече Филипче, овозможувал лековите што влегуваат во државата да бидат без сертификат за квалитет.
Филипче пред пратениците рече дека не го оправдува тоа што дел од лековите на Клиниката за онкологија биле набавувани на реверс, но дека тоа е направено за пациентите да не останат без лек.
„Реверсот е за пациентите да не останат без лек. Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени“,
рече Филипче.
Давањето и контролата на лекови, како што рече Филипче, е работа на менаџментот и на главната сестра.
„Давањето и контролата на лекови е работа на менаџментот. Министерот не знае како се даваат терапиите. Тоа е работа на главната сестра, така било секогаш“,
рече Филипче.
На прашањето дали поранешниот директор на Клиниката за онкологија работел етички, Филипче рече дека Нино Васев е одличен професионалец и дека ако постои сомнеж во неговата работа тоа треба да се истражи.
Филипче пред пратениците кажа дека не бил запознаен со КАТО-системот кој со години е неупотребуван на Онкологија. За време на неговиот мандат, како што рече, немало пропусти во работата на Клиниката.
Филипче рече дека додека тој бил министер за здравство до него не стигнало информација дека за некој пациент нема лек.
Покрај Филипче, денеска пред членовите на Комисијата треба да биде сослушан и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити.
Минатата недела пред Комисијата се обрати и поранешниот министер за здравство Беким Сали, како и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Сали рече дека побарал оставка од поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев поради, како што рече, неефективното менаџирање откако не изготвил извештај за работата на Клиниката кој бил побаран од него.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред собраниската Анкетна комисија за случувањата на Клиниката за онкологија изјави дека МВР од 2012 година повеќепати ја има следено работата на оваа Клиника бидејќи постоеле индиции за злоупотреби.
Во однос на ангажманот што го има МВР по последната постапка која е отворена, Спасовски рече дека се преземени низа активности насочени кон обезбедување на доказен материјал и дека во текот на овој период се вршат два вида вештачења – едното вештачење е на електронските уреди и второто на медицинската документација, каде што имаат одземено над 50 здравствени картони на пациенти од Клиниката.
За случајот „Онкологија“, Јавното обвинителство води истрага, а групи пациенти и членови на семејствата на починати од рак протестираат барајќи одговорност.