Според податоците објавени на „Ворлдометерс“, бројот на заразени со новиот коронавирус во светот е 2 418 559 лица. Од нив активни се 1 619 756, додека 165 741 лица починале.
Од заразените, 1 565 551 се со лесни симптоми, додека во тешка состојба се 54 205, што според овие податоци е околу 3 отсто од вкупно заболените.
Бројот на излечени е 633 062 или 79%.
На листата на држави со најголем број заразени се САД со 764 265 луѓе, со 40 682 смртни случаи и 71 012 излекувани.
Најтешко погодена област е Њујорк каде што досега починале 14 451 луѓе.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс вчера соопшти дека во моментов во земјата дневно се прават по 150 000 тестови на коронавиррус и најави дека оваа бројка може двојно да се зголеми доколку сојузните држави ги активираат сите свои расположливи лаборатории.
Оцени дека и сегашната бројка на тестови е доволна за да почне реактивирање на економијата, во согласност со насоките што неделава ги соопшти Белата куќа.
На американскиот континент вкупно има 820 749 заразени и 43 369 починати.
Европа води
Според бројот на заразени и почнати од ковид-19, прва е Европа со 1 094 150 заразени и 101 907 смртни случаи.
Прва на листата од европските земји е Шпанија со 198 674 заразени со новиот коронавирус и 20 453 смртни случаи. Властите објавија дека продолжува трендот на пад на бројот на смртни случаи во земјата.
*Поврзана вест
Италија го продолжи карантинот до 3 мај: Издржете, потоа излегуваме
Потоа следува Италија со 178 972 заразени и 23 660 починати, па Франција со 152 894 заболени од ковид-19 и 19 718 починати и Германија со 145 743 заразени, 4 642 починати и 91 500 излекувани лица. Институтот за заразни болести „Роберт Кох“ оцени дека со вчерашните новопријавени 1 775 заразени со коронавирусот, нивниот број на дневна основа се намалува втор ден по ред.
Од другите континенти следува Азија со 385 385 случаи на заразени и 14 822 починати.
Потоа е Јужна Америка каде се инфицирани 109 000 луѓе, од кои 4 900 починале.
Најголем број заразени и починати има во Бразил 38 654 со ковид-19, од кои 2.462 починале. Во Перу 15 628 лица се заразени, од кои 400 починале, додека во Чиле се регистрирани 10 088 лица позитивни на ковид-19 и 133 смртни случаи.
Мексико, која е втора најнаселена држава во Јужна Америка, регистрирани се 8 261 пациенти, од кои 686 починале.
Во Еквадор регистрирани се 9 468 луѓе заразени со новиот коронавирус, од кои 474 починале.
Во Африка бројката на заразени е 22 992 лица и 1 128 починати. Но, економската комисија на ОН за Африка (УНЕЦА) неодамна прогнозира дека доколку не се преземат мерки, од пандемијата со коронавирусот на овој континент може да починат 300 000 луѓе, а во екстремна сиромаштија да западнат 29 милиони лица.